Во Собранието денеска беа закажани 10 седници. Пратениците работата ја почнаа со новата 68 седница, на која по усвојувањето на дневниот ред, ја усвоија предлог-одлуката за давање согласност на општиoт акт на Народниот правобранител. Усвоија и одлуки за избор на претседатели и нивни заменици, членови и нивни заменици, како во комисиите на Собранието така и измените во пратеничките групи, составите на делегациите коишто ќе имаат активност со свои сродни меѓународни институции.

Во рамките на 68 седница, беа ратификувани три меѓународни договори:Договор меѓу Владата на Република Македонија и Владата на САД за безбедносните мерки за заштита на класифицирани информации, Договор за изменување и дополнување на Договорот за соработка помеѓу Владата на РМ и Агенцијата за меѓународен развој на САД за банкарски гаранции за земјоделство и рурален развој во РМ, како и Предлог на закон за ратификација на Техничкиот аранжман помеѓу Владата на РМ и Врховната Команда на сојузничките сили за Европа за воздушно патролирање над РМ.

На почетокот на седницата беа одбиени три предлог-закони на опозицијата. Собранието не го усвои предлогот за измени во Законот за акцизи на ВМРО-ДПМНЕ, со кој тие бараа намалување на цената на бензинот за 12 денари, на дизелот за 9 денари, а на плинот за 5,5 денари.

Собранието не ги прифати и двата предлог-закони поднесени од пратениците Димитар Апасиев и Борислав Крмов, за намалување на патарините за 50 отсто, како и измени на Законот за работни односи, со кои тие бараа платите да бидат исплатени до петтиот ден во месецот.

На останатите девет седници, пратениците гласаа по сите законски предлог решенија за кои беше завршена општата расправа.

По дадената пауза, Собранието треба да продолжи со работа во 15 часот по 68-та седница.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.