Документ со анализа на домати направен во лабораторијата на Факултот за ветеринарна медицина во Скопје покажува дека во земјава сепак влегле домати со недозволена концентрација пестициди. Пред десетина дена на социјалните мрежи се појави информација дека 10 камиони небезбедни домати со потекло од Албанија се увезени во Македонија и дека се опасни по здравјето на луѓето. Веднаш потоа Агенцијата за храна и ветеринарство испрати демант до сите медиуми во кој се вели дека оваа информација е лага.

Но, анализите до кои дојде редакцијата на МКД.мк и за кои побара толкување од професорката од Земјоделскиот факултет Станислава Лазаревска, покажуваат дека во доматите кои се испитувале има една забранета состојка и една состојка со количина над дозволената.

Состојката хлорперифос метил која ја има во анализите е забранета, односно се работи за активна материја која не е дозволена во земјоделската регулатива. Од јануари 2020 година постои забрана за увоз на производи кои ја содржат оваа состојка и ако често се конзумираат производи кои ја имаат, тие доведуваат до хронични промени на здравјето на луѓето. Ние имаме регулатива за внес на храна која е усогласена со европската и е многу строга, само треба да се почитува. Ако се утврди дека има производ со овој инсектицид, тој требало да се врати или да се уништи, но никако да се увезе. Хлорперифос метил не смее да има во ниту еден производ. Втората состојка од анализите, перимифос метил има вредност која е поголема од дозволената, значи и тоа не е во ред. Сѐ што е забрането или во зголемена вредност не смее да се увезува и да имаме такви производи, вели во изјава за МКД.мк професорката Лазаревска толкувајќи ги анализите.

И токсикологот Андон Чибишев реагира дека се работи за хемикалии кои припаѓаат на групата на пестициди кои според хемискиот состав се органофосфорни соединенија и се користат воглавно како инсектициди.

Се работи за исклучително токсични хемикалии кои во САД и Европската унија се забранети да се користат во земјоделството. Според Законот за хемикалии и во Македонија овие токсични супстанции се ставени во препарати кои се штетни за човековото здравје и треба да се користат под строго утврдени правила.
Инаку, внесени во човековиот организам доведуваат до пореметување на одредени метаболни процеси при што со блокирање на одредени ензими доаѓа до натрупување на други материи кои во високи концентрации можат сериозно да го нарушат здравјето.
Имаат афинитет кон периферниот и централниот нервен систем, кардиоваскуларниот и респираторнит систем и можат да го нарушат видот.
Внесени во поголема количина можат да го загрозат и животот а внесувани хронично во помали количини можат на пократок и подолг рок сериозно да го нарушат човековото здравје.
Соодветните државни институции се на потег, вели тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.