Обуката за новата програма во наставата по предметот Македонски јазик за шесто одделение предизвика изненадување и збунетост кај наставниците, кои забележале дека во неа е изоставен делот односно подрачјето за историјата на македонскиот јазик, пренесува „Нова Македонија“. Според досегашната наставна програма, основните сознанија за историскиот развој на македонскиот јазик, како создавањето на азбуките (глаголица и кирилица) и улогата на Кирил и Методиј, наедно и значењето на македонскиот јазик за основите на словенската писменост, биле застапени токму во шесто одделение.

Од наредната учебна година за првпат во предметната настава ќе биде применета новата реформирана програма, а од презентацијата, односно од онлајн обуката на Бирото за развој на образованието увидовме дека досегашните пет образовни подрачја за наставата по Македонски јазик за шесто одделение се фузирани во три подрачја, но и дека е изоставено подрачјето за историскиот развој на македонскиот јазик, односно почетоците на писменоста и улогата на Кирил и Методиј. Тие содржини досега на учениците им ги предававме во шесто одделение. На прашање од наставниците зошто е изоставено ова подрачје, ни беше кажано од претставниците на Бирото за развој на образованието дека тој дел ќе биде преместен во програмата за седмо одделение, наводно поради возраста на учениците, за кои е проценето дека во шесто одделение се уште млади за усвојување такви содржини, но и за усогласување со програмата за предметот Историја и општество, каде што овој историски период од средниот век и дејноста на Кирил и Методиј ќе се изучува во седмо одделение. Но сепак останаа многу непознати од ваквата промена, бидејќи не знаеме што се планира, кои содржини ќе бидат внесени во програмите до деветто одделение. Освен тоа, сѐ уште нема ни учебник по Македонски јазик за шесто одделение, а според новата програма треба да подготвуваме дневни планови за настава, вели за весникот наставничка по македонски јазик за дилемите со кои се соочуваат во ситуација кога мора да ја применат во практика новата наставна програма.

Целата сторија на „Нова Македонија



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.