На овој велик ден кога ја чествуваме и Педесетница, слегувањето на Светиот дух на апостолите на педесеттиот ден од Неговото воскреснување, стаса и долгоочекуваниот глас на вистината по кој копнееше секој еден верник на нашата древна црква, Охридската Архиепископија, возобновена во лицето на Македонската Православна Црква, пишува на Фејсбук, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој е дел од владината делегација во Истанбул на Патријаршиска и синодална литургија во Соборниот храм „Св. Георгиј“.
Опишувајќи го како историски настан со којшто се исправа долгата неправда врз македонската Црква, Спасовски вели дека официјално востановено е канонско единство и враќање на МПЦ-ОА меѓу православните цркви.
Дозволете да го искажам впечатокот од настан којшто се повторува после два и пол века, кога за последен пат сослужувале литургија Македонски Архиепископ и Вселенски Патријарх. Со голем пиетет присуствував на Патријаршиската и Синодална Света Литургија и В. Вечерна на Светиот Дух, заедничко сослужување на Неговата Сесветост Вселенскиот Патријарх Вартоломеј и Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и на прием во Престолната сала во Патријаршискиот храм „Св. Ѓорѓија Победоносец“, во древниот Фанар, пишува министерот.
Тој се заблагодари до Неговата Сесветост Патријархот Вартоломеј, за честа и милоста со која го удостои македонскиот народ преку врачувањето на Синодалниот акт за востановувањето на литургиското општење со Великата Христова Црква и се заблагодари до братољубивата расположба на СПЦ за единството и евхаристичкото зближување преку заемната почит.
Ова е голема радост за македонскиот народ, за сите православни верници кои со своите молитви, жртва и надеж, придонесоа за враќањето на христоносниот народ во Мајката Црква, за прогласувањето на МПЦ-ОА за канонска и валидна во сеправославниот свет. Исконската љубов на верниот македонски народ е нераскинлив дел од македонскиот идентитет – живот раѓа низ вековите што одминале, ќе живее за навек, порача министерот Спасовски.
Нашата Охридската Архиепископија која е столб на национален идентитет, официјално е примена во канонско единство во сеправославниот христијански свет! Овде во седиштето на Вселенската патријаршија добивме уверување дека целиот процес на признавање на автокефалноста наскоро ќе заврши со потпишување на Томосот од Вселенскиот Патријарх г.г.Вартоломеј, напиша министерката за одбрана Славјанка Петровска на Фејсбук.
Со заедничкото денешно богослужење и врачувањето на актот за прифаќање во литургиско единство од Вселенскиот Патријарх на Архиепископот г.г. Стефан, како што посочува министерката, е направен голем исчекор до добивање на Томос за целосна автокефалност.
Благодарност за подадената рака и за оддадената чест на премиерот Димитар Ковачевски, на литургијата да го прочита Симболот на верата во име на македонскиот народ, на македонски јазик, како потврда за нашата македонска посебност и идентитет. Честитки до Архиепископот г.г. Стефан, Светиот Архиерејски Синод на нашата Црква, верниците и сите граѓани од државата, пишува Петровска.
Благодарение на Одлуката на Вселенскиот патријарх г.г Вартоломеј и потоа нејзино прифаќање од СПЦ, нагласува таа, се прекина повеќедецениската сестрана изолација и етаблирање на нашата возобновена Охридска Архиепископија како рамноправен меѓународен ентитет во православната екумена што е голем успех на нашата Црква, народот и државата.
Благодарност до Вселенскиот патријарх Вартоломеј за приемот на Охридската Архиепископија во канонско единство со другите православни цркви, изрази попладнево министерот за надворешни работи Бујар Османи во објава на Фејсбук.
Со ваквиот чекор, додава тој, се отстранува повеќедецениската изолација и се отвара патот за добивање автокефалност во периодот што следи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.