Власта на СДСМ И ДУИ ги туркаат уставните измени во парламентот, иако по денешната седница стана сосема јасни дека не располагаат со неопходното за тоа двотретинско мнозинство. Само 70 пратеници гласаа за дневниот ред на денешната собраниска седница на која единствена точка е Предлогот за пристапување кон измени на Уставот. 47 пратеници гласаа против.
Владејачката СДСМ упорна во ставот дека ова е седница на која опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба да покаже дали е за или против Европската унија. Измените на Уставот, тврдат социјалдемократите, се неопходни за прподолжувањето на евроинтегративниот процес и отворањето на поглавјата од процесот на преговори.
„Лично верувам дека со гласањето ЗА, сите можеме да бидеме победници. Како што со гласањето Против, сите ќе бидеме губитници, за жал ќе ги направиме државата и граѓаните губитници. Тие тоа не го заслужуваат, тоа не го сакаат. Ова не е, и не смее да биде гласање за избори. Избори ќе има следната година, и граѓаните, а не Вие 120 почитувани пратеници, ќе одлучат за резултатите. Така како што е редот во демократска држава“ рече премиерот Димитар Ковачевски на собраниската седница за уставните измени.
Пратеникот Скендер Реџепи истакна дека најдобриот пат за сите граѓани е тоа што треба да се отворат нови хоризонти кои водат кон Европската Унија и да се затворат етничките прашања.
– Сепак, песимист сум дека може да има уставни промени, не по вина на Владата, туку по вина на пратениците Македонци, кои имаат лажен национализам и повеќе мислат на парламентарните избори, отколку на иднината на државата, рече Реџепи.
Според Халил Снопче од „Алијанса за Албанците“ зачленувањето во Европската Унија претставува најголема сигурност за зачувување на идентитетот на македонскиот народ.
Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ рече дека булеварот „11 Октомври“ кој поминува покрај Собранието е најголем показател дека граѓаните се за европска иднина.
– Таа слика покажува и докажува дека граѓаните се за ЕУ, за подобар животен стандард, за интеграција, а не за изолација, непредвидливост и статус кво, рече Адеми.
Во нивниот коалициски партнер ДУИ сметаат дека денешната седница е „одлучувачка“ за европската иднина на државата и апелираат до сите пратеници „да размислат за важноста на нивната историска улога“.
„Овој историски момент не треба и не можеме да го изгубиме“, изјави пратеничката Арта Зендели пред почетокот на собраниската седница.
Во опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдокорно остануваат на ставот да не дадат поддршка за уставните измени.
„НЕ за уставни измени! Македонскиот народ има своја засебна историја, култура и свој македонски јазик, а Македонија јасен државно – политички континуитет. Македонија е реализација на желбите за независна држава на вековните копнежи и борби на Македонците! Затоа ниедна наметната власт, ниедна сила и притисок не може да не натераат да се избришеме“, објави непосредно пред почетокот на „судбоносната“ седница, потпретседателот на партијата Александар Николоски.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова од собраниската говорница запраша „од кого ни извира нам легитимитетот за уставни измени од ЕУ или од граѓаните? Што велат граѓаните?“.
– Не треба ли да ги прашаме граѓаните дали се за ваква измена? Владата не може да презема обврска наместо Собранието. Неповикано вршење на туѓи работи, кажа пратеничката, додавајќи зошто не се стави на гласање преговарачката рамка, туку само заклучоците.
Таа посочи дека зборот изолација е погрешно толкуван, а ЕУ не смее да го заборави Брегзит.
– ЕУ мора да знае дека нема да има проширување ако не го повтори примерот со Словачка и Чешка. Не сме против ЕУ, не сме против Бугарија, но членот 8 од Лисабонскиот договор повикува на реципроцитет. Бугарија е потписник и ја ратификуваше Конвенцијата за малцинства. Бугарија има Совет за малцинства, а таму ги нема Македонците, порача Силјановска-Давкова.
Според неа, образложението за отворањето на Уставот е „катастрофа“.
– Не можеме од Преамбулата да правиме именик. Важно е да се применат копехагешките критериуми. Јас граѓани ве уверувам дека ние сме ваши претставници и ќе гласаме по сопствено уверување, додаде пратеничката.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицески, кој не зборуваше во расправата за уставните измени, но бараше процедурално обраќање, го повика претседателот на Собранието Талат Џафери, по „европскиот тек на расправата“ да дозволи демократски епилог – односно да не ја затвора седницата без да се гласа за предлогот.
Според Мицевски, Македонија треба да покаже дека го заслужува членството во Европската унија , па порача – тука сме, во сала сме, дозволете ни да се изјасниме, тоа е демократија.
За да бидеме на нивото на денешната седница, во европски манири, ако има доволен број пратеници, гледам дека има, предлогот да го ставиме на гласање за да знаеме на што сме. Затоа тука сме да не не обвините дека блокираме, во сала сме. Ќе ни дозволите да се произнесеме, согласно нашите уверувања, во духот на демократијата и ќе ни дозволите да гласаме и да ги видиме резултатите од гласањето, кажа тој.
Џафери ја затвори седницата веднаш по расправата.
-Констатирам дека претресот е завршен. Тука ја прекинувам работата со оваа седница, а за продолжувањето ќе бидете дополнително известени, рече Џафери.
По прекинувањето на седницата се слушаа негодувања од пратениците од опозицијата кои при носењето на дневниот ред за седницата гласаа против. За усвојување на точката на дневен ред е неопходно да гласаат минимум 80 пратеници. Тоа е првата од вкупно трите фази неопходни за промена на Уставот. Очигледно беше дека немаат доволно пратеници за да се донесат измените. Расправата согласно Деловникот на Собранието може да трае 10 работни дена.
Во Собранието нема 80 пратеници, а надвор од Собранието над 80% од народот се противи на уставни измени под бугарски диктат. Денес се соочија со суверенитетот и интегритетот на Македонија од една страна и инаетот и ароганцијата на власта од друга страна. Она што владата го нарекува свршен чин кој мора да се земе или остави, народот го смета за распродажба на националните и државните интереси и одбива да го прифати – изјави на Мицевски на прес-конференцијата која се оддржа веднаш по прекинувањето на денешната седница.
Бројните анкети објавени последниот период во кои довербата во опозициската ВМРО-ДПМНЕ бележи перманентен раст покажуваат дека повеќето од граѓаните, а не не само Македонците, имаат цврст и недвосмислен став по ова прашање за уставните измени – дека не е евроинтегративно прашање, туку е наметнато прашање кое го доживуваат како брутален бугарски диктат.
А зошто е тоа така? Зошто власта не може да ја стекне довербата на граѓаните? Од една страна, затоа што македонските граѓани, односно гласачите од мнозинскиот македонски дел од електоратот, сосема разбирливо – како и секој друг народ – се исклучително чувствителни по прашањата од национален карактер и самобитност, кои токму договорот на СДСМ и ДУИ со Софија ги негира.
И тука не помага никакво цртање на табли и други навредувања на интелигенцијата на граѓаните. Многу тие знаат дека она што е главната пречка на патот на Македонија во ЕУ се неостварените ветување на власта во изминатите седум години – зголеменото ниво на корупцијата по сета должина и ширина на јавната администрација до самите врвови на власта, неефикасен и корумпиран правосуден систем, сиромаштијата…., се чини доволно е.
Така, СДСМ и ДУИ, од никого не терани, на ниво на егзистенција на државата ги поставија прашањето на уставните измени со кои Бугарите треба покрај другите да влезат во македонскиот Устав, во прв ред по инсистирање на Софија и прифатениот во Брисел таканаречен „француски предлог“. И доколку е така, неговото неизгласување секако треба да се доживее како голем неуспех на власта. Следствено, власта доколку има и малку доблест и политичка одговорност кон граѓаните и државата, при таков епилог мора веднаш да побара да го потврди својот легитмитет на избори. А потоа, државата со нови сили и концепт да тргне во вистинското приближување до стандардите на ЕУ.
Оваа власт е развластена, не само заради тоа што уставните измени и се удрија од ѕид, туку затоа што ја упропастија државата. Институциите се киднапирани, а СДС и ДУИ се фрлени на криминал и корупција која граѓаните ја плаќаат со своите пари, но и со своите животи. Оваа власт е продолжниот кабел кој ја изгоре Македонија. Оваа власт е инфлацијата која го изеде стандардот. Оваа власт е апатија која ги брка граѓаните, оваа власт е проблемот, а решението на тоа се избори час поскоро и промена на власта. Уставни измени под диктат нема, ама затоа избори мора да има, бидејќи оваа власт е делегитимирана – заклучи Мицевски на денешната прес-конференција
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.