Со повеќе активности во Дебар, се одбележа 28 ноември, Денот на независноста на Албанија и Денот на албанското знаме.

Во организација на општина Дебар беше одржан свечен концерт со учество на децата од градинката „Брешија“, ученици од основните општински училишта „Саид Најдени“ и „Пенестија“ како и гимназијата „28 Ноември“.

Поради отсуство, од оправдани причини, на градоначалникот Хекуран Дука, од име на организаторот присутните и учесниците ги поздрави и Денот им го честиташе заменикот градоначалник Башким Машкули, кој најави дека ова ќе стане традиционално.

За значењето на Денот зборуваше Рамадан Имери, директор на дебарската гимназија и историчар по вокација.

Претходно учениците од ООУ“ Пенестија“ одржаа парада минувајќи по главната улица во градот и шеталиштето, а градот како и изминатите години е накитен со албански национални знамиња.

Во училиштата посветени беа часови за историјата на независноста на Албанија прогласена на 28 ноември 1912 година во Валона.

Во меѓувреме преку видеозапис градоначалникот Дука упати апел до дебрани во што поголем број да учествуваат на „Црноцрвената парада“ што за првпат утре ќе се одржи во Тирана, а на која е најавено присуство на Албанци од САД, како и европските земји.

На истата меѓу 150 ансамбли свој настап ќе има и дебарското КУД „Голем Дебар” (Dibra e madhe).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.