Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска ја заврши расправата за предлогот Ана Павловска Данева да биде избрана за уставна судијка,  при што од ВМРО-ДПМНЕ  повторно оценија дека предлогот е партиски, додека од СДСМ ги отфрлија тврдењата и повикаа да се комплетира составот на Уставниот суд.  Седницата за предлогот ќе продолжи по редовната пауза.

Во текот на расправата, пратеничката Марија Петрушевска од ВМРО – ДПМНЕ рече дека „народот се борел со сиромаштија за време на оваа власт која пак поддржала за уставен судија кандидатка која била и поранешен партиски потпретседател.

Според Петрушевска, номинацијата требало да се повлече.

– Номинацијата што се обидувате да ја протнете на помалку од сто дена пред избори, зборува дека сериозно се подготвувате за еден голем пораз и правите очајнички обиди пред заминување, рече таа. Со ова, посочи, ја заокружувате целосната партизација на Уставниот суд и директно се напаѓа уставниот поредок на државата. Одговорност за тоа  ќе мора да има, рече Петрушевска, која  кандидатката ја нарече „фејсбук правен експерт на батерии“ и учесник кој требало да се огради од  шарената револуција и да се извини“. Таа, нагласи, не се оградила од штетните политики на СДСМ.

– Таа не треба да биде уставен судија и нема да ја има мојата поддршка, подвлече Петрушевска.

Снежана Калевска Ванчева од СДСМ рече дека немало конструктивна критика во говорот на Петрушевска, иако очекувала.

– Имавте седум години да се оградите од штетните политики на тогашното ВМРО -ДПМНЕ кое за 11 години успеа да ја зароби државата. Токму тоа  доведе до тоа, секој демократ да излезе во шарена револуција. Во револуцијата учествуваа способни кадри од различни професии. Со една мисла, да не се повтори тоа што го имавме. Делата говорат за неа, а тие се многубројни. Правните експерти што ја оцениле лошо Данева се всушност на батерии. Кога нема што да се каже, нешто суштинско, се оди со дисквалификации. Очекував да се надминете себеси и и дека за ваков предлог ќе гласаме со консензус и да се комплетира Уставниот суд. Очекувам барем дел од вас дека ќе успеат да се надминат и да гласаат за неа, нагласи Калевска Ванчева.

Реплицирајќи Петрушевска рече  дека вистинското лице за актуелното владеење се случаите М-НАВ и Онкологија, истакнувајќи дека „Уставниот суд треба да се ослободи и конечно да се стави во служба на штитење на уставниот поредок“.

Д-р Ана Павловска-Данева е редовен професор на научната област Административно право и јавна администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Родена на 22.02.1973 година во Скопје. Студиите ги започнала на Правниот факултет при Московскиот Државен Универзитет „М.В. Ломоносов“ во Москва, а во 1993 година дипломирала на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Магистрирала во 1998 година на тема „Омбудсман – заштитник на правата и слободите на граѓаните“. Истата година била избрана за помлад асистент на научната област Управно право на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а веќе следната 1999 година била избрана за асистент. Во 2004 година, се стекнала со научен степен доктор на правни науки, со одбрана на докторската дисертација на тема „Управни договори“ и е избрана за доцент на научната област управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, по што напредува во звањата и станува вонреден професор (2009 година) и редовен професор (2013 година).

Предлогот Данева да биде нова уставна судијка дојде откако на 24 јануари во Собранието по речиси година и половина расправа беше повлечен предлогот за Љубомир Јовески да биде уставен судија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.