ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите политички партии во Собранието да се изгласа Декларација Украина за мир и заштита на нејзиниот интегритет.
Украина е суверена и независна држава и не смееме да дозволиме и да поддржуваме да биде нарушен нејзиниот територијален интегритет и суверенитет.
Во 21 век недозволиви се воени дејствија, а мирот и дипломатијата треба да бидат на прво место. Недозволиво е да се кршат основните принципи на меѓународното право и демократскиот поредок.
Македонија како држава минала и минува низ многу премрежија, се уште се соочува со негирање на нејзиното постоење и корени. Македонија е изградена од жарот за човечки правдини, од борбата за слободна, независна и суверена држава и токму затоа треба да застанеме на страната на интегритетот на Украина.
Во овие тешки времиња потребно е како нација да се обединиме и да ја донесеме таа Декларација, но воедно да ја изгласаме и Декларацијата за ликот и делото на Гоце Делчев која ја предложивме. Гоце Делчев е симболот, столбот и идеологот на современата македонска историја, темелот на македонскиот современ идентитет и идејата за слободна и независна држава.
Затоа мораме двете Декларации да ги изгласаме заедно, бидејќи тоа е нешто кое што во името на сите наши борби и стремежи го должиме како симболичен гест и искрена желба како народ со своја историја на слобода и борба за правда.
СДСМ и наместо да ги користи несреќите за политика нека се одважи и да поддржи Декларациите за Украина и за Гоце Делчев. Само така ќе докаже дека се на вистинската страна и дека позадински не го подриваат македонскиот идентитет – порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.