Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски очекува да го обезбедат потребното двотретинско мнозинство за да бидат изгласани законските измени поврзани со промените на министерствата во Владата.

– Тоа е предизборно ветување што го дадовме на граѓаните и со кое ги запознавме во предизборниот период. Во моментов, работиме на Законот за организација на работата на органите на државната управа, односно преструктурирањето на одредени министерства и очекувам дека ќе добиеме поддршка од 80 пратеници за да може да функционира она што е барање на граѓаните, рече Мицевски во изјава за медиумите по денешната прва официјална координација на собранискиот спикер Африм Гаши со претставници на партиите.

Соопшти дека при крај е целото законско решение и очекува деновиве официјално да биде поднесено.

– Со истото ќе ја запознаеме јавноста, медиумите, но и колегите од другите пратенички групи, врз основа на што очекуваме да добиеме поддршка на она што го планираме да го испорачаме како продукт на граѓаните во наредниот период. Завршни консултации и состаноци има по одредени делови во законот, штом го имаме тоа, ќе биде завршено, рече Мицевски.

Додаде дека за него поприоритетно во моментот е да се формираат комисиите, односно работните тела за да можат сите овие закони да поминат низ соодветните комисии.

– Во моментот ја имаме формирано само Верификационата комисија и Комисијата за прашањата на именувања и изборите. Потребни се и другите – Комисијата за политички систем, Законодавно правната комисија и другите комисии за кои на денешната првична координација имаше разговори. Очекувам во текот на денот и наредните денови да најдеме разбирање со колегите координатори за тоа која комисија, на која пратеничка група да припадне за да може Собранието целосно да биде функционално, рече Мицевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.