Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ денеска во центарот на Скопје делеше мекици на случајни минувачи, како своевидна помош за поранешниот генерален секретар Драги Рашковски во актуелниот судски процес „Софтвери“ против него. „Со оваа наша акција сакаме да му помогнеме на поранешниот генерален секретар на Владата на Република Македонија. Сега откако повеќе не е на функција генерален секретар и откога повеќе не дели мекици за своите деца, неговите приходи се сигурно намалени. Затоа прашуваме: Колку мекици се потребни за купување на плацевите во Струмица од илјадници метри квадратни? Колку мекици се потребни за стекнување со имотот во Побожје? Колку мекици се потребни за стекнување со возило олдтајмер марка „доџ“? Колку мекици се потребни за купување на нов луксузен џип „волво“? Колку мекици се потребни за стекнување со нови три мотоцикли, БМВ, хонда и кавасаки“, прашаа младите од ВМРО-ДПМНЕ.
По вчерашното прво рочиште за случајот „Софтвери“ Рашковски изјави дека имотот на неговите деца бил стекнат од нивните родендени, кршевки, имендени, а се друго што поседуваат е негов имот што го имал и пред тоа.
На Рашковски не му се допаднаа мекиците.. Испрати реакција до медиумите:
Почитувани претставници и активисти на УМС ВМРО ДПМНЕ, за почеток да Ви се заблагодариме како семејтво за вашата грижа во однос на нашата финансиска состојба, по моето заминување од функцијата во Владата на РСМ. Навистина сте се потрудиле да бидете забавни и со високо ниво на сатиричност со спроведувањето на вашата акција, но додека Вие си играте со мојот и угледот на мојата фамилија и за времетраењето на вашата акција, на неколку метри од Вашиот перформанс, во тој период својот живот во сообраќајни незгоди го изгубија две лица. Додека Вие правите перформанси за забава, нашата земја за жал сеуште сме на врвот на листата по број на жртви од сообраќајни незгоди.
Наместо млади и прогресивни луѓе како што се претставувате да се занимавате со нови технологии коишто треба да не направат европска држава и да ни го олеснат секојдневието, Вие подлегнувате на ниски страсти и недостоинствена политика од која никој нема никаква корист. Ве поканувам да присуствувате на секое судење за лично да се уверите дека во моето работење нема ниту едно криминално дејствие, ниту еден денар пари на граѓаните не се злоупотребени, ниту пак е прекршена било каква процедура при јавните набавки.
Јас нема да Ви сугерирам од каде потекнува мојот и имотот на моето семејство којшто е плод на 20 години работен ангажман, за кои средства може слободно да проверите дека секоја година уредно се пријавувани како до УЈП, така и до ДКСК, туку доколку ги следите судењата самите сакам да заклучите дека целокупниот имот е стекнат на легален начин. Од Вас како прогресивни сили очекувам да поддржите проекти кои спасуваат животи независно од политичката определеност на учесниците во сообраќајот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.