На денешното рочиште од судењето за пожарот во тетовската модуларната болница во кој загинаа 14 луѓе, беа сослушани седум сведоци предложени од Обвинителството. На прашања на обвинителите, на судијата и на адвокатите на обвинетите и оштетените одговораа двајца лекари, една медицинска сестра и четири лица кои во модуларната болница биле како придружба на пациенти.

Во сведочењето, двајцата лекари Мустафа Таири и Шпеназа Арифи Зеќири и медицинската сестра Надире вработени од Клиничка болница објаснија дека вечерта имало потреба за реанимација на пациент, женско лице на 21 година, по што во истата болничка соба дошло до пожар кој се проширил. Тие објаснија какви обиди направиле да се изгасне огнот, од каде и како побарале помош и како се евакуирале пациенти.

На прашања на обвинителите и адвокатите какви наредби добивале лекарите од обвинетиот доктор Бобан Вучевски, тие објаснија дека како тој како специјалист им давал насоки околу протоколите како да постапуваат со пациентите и каква терапија да им даваат, а други наредби од него не добиле.

На прашањето од судијата дали во модуларната болница имало портир, сведоците посочија дека немало. Тие кажаа дека на влезната врата од модуларната болница имало писмена наредба дека е забранет влез за посетителите, но и дека се соочувале со агресивни лица кои и покрај тоа барале да бидат присутни во болничките соби.

Сведоците кои биле во модуларната болница како придружба на свои блиски имаа различни ставови околу тоа дали им било забрането од некого престојуваат во собите. Сведокот, Оливера Веселиновска, како мајка на дете со посебни потреби рече дека била присустна со документ и затоа не и правеле проблем. Сведокот Виолета Петрушевска чиј сопруг бил пациент рече дека строго им било забрането да влегуваат. Таа посочи дека правела напор понекогаш да влезе во болничката соба за да му помогне на сопругот кој бил со тешка клиничка слика за да го пресоблече и слично, по што ја напуштала болничката соба.

Сведокот Имран Шаќири, чиј сопруг бил хоспитализиран рече дека постојано била таму во текот на 28 дена хоспитализација и дека имало и по повеќе луѓе внатре кои биле придружба на другите болни луѓе. Сведокот Мумин Исмаили, кажа дека заедно со брат му се менувале постојано да бидат покрај нивната болна мајка и истакна дека никој од медицинскиот персонал не му забранил да престојува во болничката соба и дека немало портир пред болницата.

Судењето ќе продолжи на 16 февруари со сослушување на уште сведоци, а судијата Јордан Велковски најави дека ќе бидат поканети и вештите лица кои ги имаат изготвено вештиот наод. Потоа ќе следуваат сослушувања на сведоци и писмени докази на одбрана.

Обвинетите, директорите Фљорин Бесими и Артан Етеми, докторот Бобан Вучевски и претставник на Клиничка болница Тетово како правно лице на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението, но не признаваат вина и дека не ги сториле делата за кои се товарат.

Судењето за пожарот што се случи на 8 септември 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе, а десетина беа повредени почна на 7 декември 2022 година, откако од септември 2022 година дотогаш судскиот процес беше неколку пати одложуван.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.