Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска одржа прес-конференција пред СВР Куманово на која информираше дека по анонимна пријава бил повикан на разговор во СВР Куманово за наводен предмет за исплати и недоместоци на лица вработени во општината.
-Сакам да ве информирам дека денеска со покана бев повикан во СВР Куманово на разговор во врска со предмет за исплати и надоместоци на лица вработени во општина Куманово.
СВР Куманово постапува по анонимна пријава, во континуитет се случува истиот притисок на работењето на општина Куманово и на мене како градоначалник. Целта е јасна да бидам дефокусиран од моите секојдневни активности.
Според наводите во пријавата, иако покрај тоа што од страна на вработените во Општина Куманово е постапувано согласно законот, плати се исплаќаат со децении во општината и методологијата на пресметка е иста. Општината има потпишано и колективен договор за своите вработени, но, сепак дадов свој исказ. Дополнително, по барање на лицата коишто ја водат постапката ќе добијат дополнителни информации.
Ова го ценам како еден класичен пример на злоупотреба од страна на поединци коишто менаџираат со овој ресор во партиско политички цели на институциите.
Видете, се случува еден преседан, секојдневно се пишуваат анонимни кривични пријави до МВР, од МВР завршуваат во Основно јавно обвинителство, се добиваат насоки за постапување, се отвораат предмети кои на крајот резултираат со ништо и се трошат ресурси, ние ги плаќаме сите тие лица коишто се ангажирани на тие активности, а во меѓувреме државата тоне во корупција. И тоа го потврдуваат сите релевантни амбасади во државата.
Сметам дека ваквите постапки се депласирани, секако дека јас како градоначалник и вработените во општината ќе соработуваат со секоја истрага којашто ќе се води. Но, веднаш ќе напоменам дека од страна на надлежните институции на сите наши поднесени барања како општина и мене како градоначалник за постапување против Н.Н. лица кои лажно ги постапуваат сите овие пријави нема отворено ниту една постапка.
Еве по допрен глас барам од обвинителството да постапи и да отвори предмет, да ги откриеме кои се лицата што ги пишуваат ваквите анонимни пријави, а од друга страна сметам дека постојат големи можности да се работи за чисти монтирани процеси коишто ќе не дефокусираат од секојдневните наши активности.
Како се наближуваат изборите така и притисокот е сѐ поголем. Овде се со мене само дел од пријавите што секојдневно ние како општина и институција ги добиваме по однос на прибирање на материјали и докази за лажно поднесени кривични пријави или „анонимки“ како што се викаат од страна на Н.Н. лица.
Апелирам надлежните што раководат и менаџираат со овие институции, особено со секторот МВР којшто се трансформираше во МВРО со две „О“ претстанат со ваквите појави, бидејќи да не остават, граѓаните не избраа да си ја вршиме нашата секојдневна работна задача, а не да го трошиме времето како тие што го трошат и да се фокусираат на разбивање на корупцијата во државата, која им е пред очи и сами ја признаа, потенцира Димитриевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.