Потребата за носење на уставните измени пред неколку дена го мина комисискиот филтер, познат е и датумот за пленараната седница, предлогот е јавен и достапен за сите, но и покрај обидите и апелите на власта, опозицијата останува на својот став против уставни измени со барање за избори. Сепак, Владата не се откажува од можноста тие да бидат донесени односно во Собранието да се стаса до 80 гласови „за“.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера изјави дека откако ќе заврши скринингот и откако ќе бидат направени уставните амандмани, што се два одвоени процеси „тогаш веднаш утредента се закажува втората меѓувладина конференција на која што се отвораат поглавјата од првиот кластер – фундаменти“.
И затоа го кажавме тој датум – дали ќе биде ноември, дали ќе биде 1 декември, 15 декември тоа е работа на реално она што ќе се одвива во Брисел. А тоа што се одвива во Брисел е секогаш јавно достапно, низ директен пренос, а сега преку многу јасни соопштенија од страна на сите тимови коишто таму одат, рече Ковачевски.
На прашањето што ќе се случи ако до 30 ноември не се спроведат уставните измени, Ковачевски рече дека ако се донесат на пример во февруари идната година, тогаш и ќе се одржи и меѓувладината конференција.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, на брифинг со новинарите рече дека тие нема да се откажат од обидите да ги усвојат уставните измени до крајот на мандатот на ова Собрание и оваа Влада.
Важно е тоа да биде оваа година за да го фатиме оној процес на креирање на нов пакет за следно проширување на ЕУ и за да го фатиме тој пакет заедно со Украина, Молдавија, државите од Западен Балкан да останеме во истиот колосек со Албанија како и досега. Она што може единствено да биде на маса е на кој начин и под кои услови да се изгласаат уставните измени. Носењето уставни измени е шанса што не смееме да ја пропуштимеј, а дали ќе успееме на крај зависи од пратениците, додавајќи е дека е оптимист за нивно усвојување до крајот на годината., изјави вицепремиерот по брифингот со новинарите.
Одговарајќи на прашања поврзани со ставовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски рече дека досега ветото за евроатлантските интеграции доаѓало однадвор, а денес прв пат тоа може да дојде одвнатре и тоа од политички партии, кои понекогаш декларативно кажуваат дека се за европска интеграција на државата, меѓутоа историски имаат докажано дека се против евроатлантските интеграции на државата.
Она што е најфрапантно е дека ние за првпат имаме политичар по 32 години независност, кој во јавна изјава вели дека европската агенда не е иста со македонската агенда. Тоа досега ниту еден политичар во државата не го кажал. На почетокот на оваа недела претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека европската агенда не е иста со македонската агенда. Тоа значи дека тој има некаков друг план во однос на интеграцијата на државата и треба да го објасни, рече Ковачевски, додавајќи дека граѓаните пред 32 години се определиле земјата да стане дел од НАТО и ЕУ.
Според него, уставните измени се работа, која можат да ја завршат само македонските политичари, без разлика на која политичка партија припаѓаат. Премиерот вели дека според дискурсот во јавната комуникација нема ниту една забелешка на уставните амандмани, бидејќи не задираат во ниту едно идентитетско прашање.
Тој додаде дека дискусиите во однос на уставните амандмани се воделе со сите политички партии и тие биле јавни, со претставници на претседателите и на партиите од опозицијата, коишто ги истакнале своите ставови во однос на истите.
Маричиќ, пак, рече дека она што се покажа на дело е дека Владата навистина е подготвена за сериозни и суштински разговори со опозицијата на кој начин да дојдеме до решение за гласање на уставните измени.
Понудивме и политички формат во којшто опозицијата би учествувала во Владата, понудивме и можност за донесување дополнителни гаранции за нашите институции за тоа како да се однесуваат во преговорите, но нашето инсистирање е се да остане во рамките на преговарачката рамка и на возможното. Да не си поставуваме сами себе невозможни услови коишто утре ќе ни бидат проблем да ги исполниме. Затоа е битно, ние сме спремни за дијалог и отворено транспарентно и неформално за секој тип на разговори, а секако странското присуство тука е постојано, рече Маричиќ.
Вицепремиерот оцени и дека какво било пролонгирање на уставните измени би било на наша штета.
Не би било добро какво било пролонгирање, тоа би било на наша штета. Значи, не е проблем. Меѓутоа, имајте предвид дека по Нова година ќе започнат процедурите за претседателски избори. Претседателските избори се врзани со рок. Сегашниот мандат на Пендаровски истекува на 12 мај и дотогаш треба да биде избран нов претседател, така што во најмала рака ќе бидеме преокупирани со тоа. Да не заборавиме дека има на почетокот на јуни избори за Европски парламент во ЕУ и едноставно фокусот ќе биде на друго место. Нашата цел е да останеме во фокусот, а тоа е можно само ако ги завршиме нашите обврски до крајот на скринингот и со крајот на оваа година да ги пречекаме одлуките за отворање на кластерот, вели Маричиќ.
Тој посочи дека од крајот на август по одморите, се очекува да продолжат посетите на странски државници, за кои вели дека се важни. Како што истакна, има и некои задолжителни формати како што е одржувањето на Брдо-Бриони процесот на претседателите од целиот регион, а за во октомври најави и посета на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен која ќе оствари тура низ регионот.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на прашањето која е македонската агенда за ВМРО – ДПМНЕ, рече дека тоа е борбата против се она што актуелната Влада го промовира и оти „е и ќе остане дел од вистинските европски вредности кои треба сите ние да ги прифатиме“.
Да точно. Тука е во право Димитар Ковачевски кога вели дека европската агенда, според коалицијата ДУИ поддржана од помалиот коалиционен партнер СДСМ, е сосема различна од македонската, која е дел од вистинската европска агенда, изјави Мицкоски.
Уште едно предупредување во однос на роковите вчера стаса и од францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер кој изјави дека доколку до крајот на годината не се пристапи кон уставни измени, Македонија не ќе може да пристапи кон следната фаза за членство во ЕУ.
Тоа значи дека во тој момент ризикуваме да се соочиме со блокада и треба да се има на ум дека се наоѓаме во момент на забрзана политика на проширување и освен Македонија има други заинтересирани земји кандидатки. Тоа е причината поради која имате толку голем број министри и претставници на властите, кои патуваат, особено доаѓаат во посета овде минатата и оваа година, за да ја упатат истата порака. Постои европски моментум, и тој не треба да се пропушти, изјави амбасадорот Бомгартнер за емисијата Трилинг на ТВ 24.
Тој посочи дека голем број, како што вели, европски политички лица го посетија Скопје во последните месеци, за да потсетат и да истакнат дека решението што беше преговарано и усвоено и денес го поддржуваат сите европски институции и сите држави – членки на ЕУ, е најдоброто можно решение и нема замена за него.
И тука не станува збор да се промени формулацијата за којшто е постигнат европски консензус, туку е тоа начин и дека воопшто не постои простор за наметнување на нови услови, потенцира Бомгартнер.
Според него, стравувањата дека францускиот пакет води кон загрозување на јазикот, идентитетот, македонскиот јазик, идентитет, воопшто не се основани.
Јас нив ги слушам, но уште еднаш ќе кажам дека доколку рационално гледаме на состојбите ќе покажеме дека нема никаква причина тие стравувања да постојат. Што се однесува до јазикот, формулата која што се преговараше е многу јасна, таа предвидува признавање на македонскиот јазик без никаков услов, без никаква забелешки, и никакви други условувања, вели Бомгартнер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.