Во присуство на премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев денеска кај местото Шупли Камен во близина на Куманово официјално ќе биде означено продолжувањето на изградбата на пругата кон Бугарија, на која нема градежни активности од јуни 2020 година.
На настанот ќе биде презентиран проектот за претстојните фази од изградбата на делницата, а обраќања ќе имаат премиерите Ковачевски и Донев, првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на ЈП „ЖРСМ Инфраструктура“ Хари Локвенец, амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир и директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Анди Аранитаси.
Повторната изградба опфаќа работа на првите две од трите проектирани делници на источното крило на железничкиот Коридор 8, во вкупна должина од 88,2 километри (од Куманово до Бељаковце – 31 километар, од Бељаковце до Крива Паланка – 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија – 24 километри).
Делницата Бељаковце – Крива Паланка се гради со финансиска помош на ЕУ обезбедена преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (ВБИФ). Грантот финансиран од ЕУ-ВБИФ од 75 милиони евра, дополнет со национален придонес од 1 милион евра, е доделен за да се доближи овој железнички дел до современите стандарди. Работите ќе се изведуваат од октомври 2022 година до крајот на 2025 година и опфаќаат тунели во должина од 5,5 километри, железнички мостови, над и подвозници, железнички станици и стојалишта, како и нов систем за сигнализација и телекомуникација. Дополнителен грант финансиран од ЕУ од 210 милиони евра е во план за завршување на источниот крај на железничкиот Коридор 8 до границата со Бугарија, информираше Канцеларијата на ЕУ во Скопје во пресрет на денешните активности.
Откако ќе биде завршена, се очекува железничката делница да го зголеми годишниот обем на товар за 20 проценти до 2040 година и да обезбеди пристап до современите транспортни средства за повеќе од 350 000 луѓе. Ќе се намали времето на патување, како и загадувањето на воздухот и бучавата.
Нови изведувачи со кои беа потпишани договори во јули годинава се „Штрабаг“, кој треба да ја продолжи и изгради првата делница од Куманово до Бељаковце во вредност од 40,5 милиони евра, и „Ѓулермак“, кои пак со 155 милиони евра ќе работат на втората делница.
На првата фаза од пругата се изградени 54 проценти, а остатокот треба да се заврши за година и половина до две години. За 34-те километри од втората фаза рокот е три години. За третата делница во тек е подготовка на тендерската документација, а проценетата вредност за 24-те планирани километри, изнесува 405 милиони евра.
Плановите на домашните институции се источното железничко крило на Коридорот 8 да го завршиме до 2027 година, а западното каде треба да има пруга од Кичево до Лин, до 2030 година.
Изградбата на пругата кон Бугарија е почната во 1994 година, од кога се одвојувани пари од државните буџети до 2004 година, кога првпат се стопирани активностите. По речиси децениски застој на градежните работи, во март 2014 година почна обновата на изградените тунели и мостови и градба на новите делови согласно со проектот на првата делница. Со договорот со тогашниот изведувач – германски „Вибе“, беше предвидено пругата да се изгради до септември 2017 година, но поради проблеми при изведбата, претежно од имотно правен карактер беше потпишан анкес со рок за изградба до февруари 2020 година, по што во јуни 2020 година работите беа прекинати со реализирани 54 проценти, а државата најави арбитражна постапка. Во февруари лани ЈП МЖ Инфраструктура преку Европската банка за обнова и развој распиша нов тендер во кој ги спои првите две делници. Тендерската постапка се заокружи со изборот на новите изведувачи „Ѓулермак“ и „Штрабаг“ и потпишување договор во јули годинава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.