Владината делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски од денеска учествува на Самитот на НАТО во Вашингтон со кој се одбележуваат 75 години од формирањето на Алијансата. Предвидени се голем број билатерални средби со државници на земји членки на Алијансата, но останува неизвесно дали на маргините на Самитот, Мицкоски ќе се сретне со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.
Од Владата нема официјална потврда, а од ВМРО-ДПМНЕ во неделата изјавија дека нема информации за евентуална билатерална средба, меѓутоа дека ваквите меѓународни самити се места каде се применува современата дипломатија.
– Засега нема информации за евентуална билатерална средба со Мицотакис, меѓутоа меѓународните собири, самити, се места каде што се применува, односно спроведува современата дипломатија. Неопходноста за нов пристап во заштитата на интересите на своите граѓани, преговарањето, а особено унапредувањето на односите на сите подрачја и сопственото меѓународно промовирање во целост го одредува пристапот на Владата кон дипломатијата, базирана на взаемна почит и насочена кон градење на пријателски мостови и искрено взаемно почитување и добрососедски односи, изјави во неделата Миле Лефков, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис вчера изјави дека не е планирана средба, но дека не е исклучено на маргините на Самитот, да има билатерални средби.
– Не е планирана средба, но не е исклучено во рамките на активностите и на маргините на Самитот на НАТО, премиерот да има и некои билатерални средби. Но, нешто планирано, не постои, рече Маринакис на прашањето на МИА за евентуалната средба Мицотакис – Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.