Поранешниот претседател на скопскиот кривичен суд Владимир Панчевски ги бара своите права од Уставниот суд. Смета дека бил дискриминиран, во споредба со останатите претседатели на судови и носители на јавни функции. Поднел барање до судот во кое вели дека со пресудите на Основниот суд во Велес и Апелационеиот суд во Скопје, му биле повредени слободите и правата на човекот и граѓанинот, а кои се однесуваат на забраната за дискриминација по основ на социјалната припадност, општествена положба на професионалниот статус, како и по основ на политичката припадност – политичко уверување, објави Телма.

„Меѓу другото, подносителот на барањето наведува дека бил дискриминиран во споредба со сите останати судии и претседатели на судови, затоа што за разлика од нив само тој не ги уживал уставно и законски загарантираните права кои ги имале носителите на судиски функции. Оттука, според подносителот на барањето, произлегувала дискриминаторската природа на теоријата на случај на Јавното обвинителство, која била прифатена од Основниот суд во Велес и Апелациониот суд во Скопје и резултирало со носење на актите коишто се оспоруваат“, се вели во соопштението за утрешната седница на Уставниот суд.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.