Српската православна црква (СПЦ) и другите православни цркви се согласни да сослужуваат со нас и тука завршува целата работа. Оттука одиме понатаму. Молчиме и ги чекаме следните потези.
Ова во изјава за порталот МКД го кажа митрополиот преспанско-пелагониски г. Петар, поврзано со вчерашното соопштение на Соборот на СПЦ за враќањето на МПЦ-ОА во литургиско единство.
– За какво враќање прашувате? Постои можност за враќање назад? Канонско единство е нешто друго. Канонското единство значи да почнеме заедно да богослужиме. Тоа е целата приказна и без тоа не може да се оди напред. Без тоа не може всушност ништо да се прави ако не те признаваат дека си рамен со нив. Ако со нив служиш, тогаш си рамен на нив. Завршена приказна. Нема потреба од никакво враќање назад. Што треба да се случи? Да се врати Југославија, да го вратиме патријархот Герман? Да вратиме сѐ како што било некогаш. Такво нешто не е можно. Целата приказна е во следново. СПЦ и другите цркви се согласни да сослужуваат со нас. Тоа за нас е битното. Тука завршува сѐ. Оттука сега одиме натаму. Не станува збор тука за статус, автономен, афтокефален, тоа што некои така коментираат само прикаски раскажуваат. Ќе видиме, времето тече, зошто нешто да кажуваме однапред? Можеби ќе згрешиме. Молчиме и ги чекаме следните потези – изјавил г. Петар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.