За да ги покријат трошоците на кризата во 2022 година, Владата и општините скратиле од граѓаните наместо порационално да ги трошат буџетските пари. Откажани се витални проекти вредни 220 милиони евра. Ова го покажаа истражувањата на Центарот за граѓански комуникации, Здружението на даночни советници и Активо, во врска со последиците од зголемените буџетски трошоци од кризата во 2022 година врз области кои влијаат врз животот на граѓаните, и на национално и на општинско ниво.
За покривање на дополнителните расходи што ги наметна енергетската криза во 2022 година, Владата и општините вкупно жртвува проекти кои се од важност на граѓаните во вредност од најмалку 220 милиони евра. Владата жртвуваше проекти од најмалку 170 милиони евра како што се: реновирање на здравствени установи, купување медицинска опрема, изградба на детски градинки и домови за стари лица, изградба на патишта, реконструкција на студентски домови, како и проекти за унапредување на животната средина. Дополнителни 50 милиони евра капитални проекти требало да се реализираат од локалните власти, говорат клучните наоди од истражувањата на невладините организации.
За да се прикрие ударот на енергетската криза врз капиталните инвестиции во 2022 година, дури 28 отсто од капиталните расходи односно 130 милион евра биле потрошени за исплати кои не може да се сведат под категоријата „капитални“, како што се исплатите кон АД Електрани за надминување на енергетска криза, како и плаќања на гаранции по рати за кредити на државните претпријатија.
Вкупните пријавени финансиски обврски на буџетските субјекти само во 2022 година се зголемиле за нови 186 милиони евра, односно за 30 отсто, со што достигнаа вкупен износ од 800 милиони евра.
Наспроти кратењето на проекти од важност за граѓаните, локалните власти се однесувале како да не е криза кога станува збор за трошоците за патни расходи, плати, договорни услуги и привремени вработувања кои дури пораснаа во 2022 година, истакнуваат од Центарот за граѓански комуникации, Здружението на даночни советници и Активо.
Проектот на невладините организации е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.