Од ВМРО-ДПМНЕ не можат да очекуваат ништо друго освен да сме жестока опозиција на оваа сиромаштија и на оваа пљачка која му се случува на народот затоа што нас ни се повторуваат сцените од 90-тите. Јас бев дете и убаво се сеќавам кога се чекаше ред за леб, за млеко и масло и кога на бензинските пумпи се чекаше за да се стави гориво, еден ден возеа тие со парна регистрација, друг ден тие со непарна и истите тие сцени ни се повторуваат 30 години подоцна – празни рафтови, тоа што има е екстремно скапо и бензин или нема или е екстремно скап.

Така што, СДСМ во 90-тите и СДСМ на власт сега се истите проблеми. Во однос на регионот, во Србија ситуацијата не е таква, во Црна Гора не е таква, во Хрватска не е таква и во Грција не е таква. Еве четири примери само од регионот да не одиме подалеку, така што власта мора да си најде одговори на овие прашања како што треба на пример да им одговори и на земјоделците од мојата четвртата изборна единица, што ќе се случува со раноградинарските производи – рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, во гостувањето на Тема на денот во дневникот на телевизија Сител.

Во однос на тоа, Николоски даде предлог, наместо владата да троши нерационално, да ги откупи сите земјоделски производи и да им ги подели во средните и основните училишта, посочувајќи дека на тој начин и учениците ќе добијат здрав и бесплатен оброк, а ќе им се помогне и на земјоделците нивниот род да не биде фрлен.

Имаат доволно пари во буџетот ако рационално го трошат, нека го откупат целокупното земјоделско производство и нека го поделат во средните и основните школи, ем учениците да добијат здрав и бесплатен оброк, ем земјоделците да не треба родот да го фрлат, ем да заработат нешто. Еве еден предлог малку да намалат со расипништвото и крадењето, многу бенефит ќе види народот- порача Николоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.