Интерната постапка за евентуален пропуст за случајот „Онишенко“  констатира дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста, информира денеска директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски.

Димовски, посочи дека чекањето за реферирање за случајот, било поради тоа што требало да се почитуваат и следат институционалните норми и да се истражи ако затаил, каде и зошто затаил системот за национална безбедност.

Безбедносната проверка пред издавање позитивно мислење за издавање на пасош на некое лице, Димовски појасни дека се прави на неколку нивоа и дека се потребни потписи од десет припадници на Агенцијата за национална безбедност.

– Констатиравме дека последното ниво кое требало да направи консултација со НАТО партнерите, дало позитивно мислење, но тоа не го направило. Лоциран е прстенот и поединецот што го ставил потписот и ќе се преземе одговорноста, изјави Димовски, по седницата на собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.