Наместо зад затворени врати, отчетот на директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски се емитувал во живо на јутјуб на Собранискиот канал.

Димовски побарал неговиот отчет пред собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност, свикана за евентуалните пропусти при давањето на македонско државјанство на Украинецот Олександр Онишченко да биде затворена за јавноста поради тоа што материјалите што треба да ги презентира се класифицирани безбедносни документи.

Дека работата на Комисијата оди вио живо забележале и пратениците во пленарната сала, но и новинари кои биле присутни.

На говорницата на Собранието пратеникот Павле Трајанов праша зошто затворената седница, на која Димовски презентираше доверливи документи била емитувана во живо на Јутјуб на Собранискиот канал.

Токму поради тоа спикерот на парламентот Талат Џафери побара да се испита случајот, а дотогаш Комисијата за надзор на работата на АНБ и на АР да не продолжува со работа.

Симптоматично е што салата во која Димовски даваше отчет важи дека нема технички услови за пренос на состаноците, пишува Независен.

По излегувањето од салата, Виктор Димовски коментираше дека ако имало пренос во живо тоа не е во негова надлежност, бидејќи тој е само гостин во Собранието и организацијата е во надлежност на самите собраниски служби.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.