Финансиската состојба на ветеринарните друштва е алармантна. Нивниот опстанок е доведен во прашање, а тоа може да има несогледиви импликации врз сточарството, како и врз справувањето со актуелните и идни здравствени предизвици, предупредува Ветеринарната комора.

Поради ваквата ситуацијата, Комората уште еднаш реагираше со допис до премиерот Димитар Ковачевски и до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Преку дописот испратен во четвртокот, Комората потсетува дека „клучни причини за проблемите кои се закануваат со колабирање на секторот се ниските и нереални цени за активностите од јавен интерес кои за една деценија се минимално корегирани, како и доцнењето на отпочнувањето на активностите од јавен интерес во тековната 2022 година поради доцнењето на донесувањето на Годишната наредба за здравствена заштита на животните (донесена во мај 2022, а вообичаено се усвојува најдоцна до јануари) и последователно, изборот (преку јавна набавка) на овластена лабораторија за дијагностички испитувања, кој заврши во август 2022“.

Како што наведува Комората, ветеринарните друштва не реализирале никакви приходи по основа на извршени активности од јавен интерес, немаат никаква акумулација на средства и не можат да обезбедат ни минимални средства за исплата на личен доход.

Не посакувајќи последици штетни за државата, како протести и престанок на работа, уште еднаш алармираме и повикуваме на брза и ефектна реакција на сите одговорни институции. Во бројните контакти претходно доставивме многу аргументи за да ја доловиме апсурдната состојба на потценетиот и девалвиран труд на докторот по ветеринарна медицина, вклучен во активности од јавен интерес, од повеќекратно пониските цени споредени со оние во регионот, па се до асиметријата на цените на теренските активности со цените за дијагностичките испитувања, за кој тврдиме дека е единствен пример во Европа. Со оглед дека ги исцрпивме сите можности низ канализиран процес на преговори да дојдеме до целта, тоа што пред членството, кое е  огорчено и незадоволно, немаме веќе ниту авторитет ниту кредибилитет да бараме дополнително време и трпение за решавање на овој проблем, клучен за опстанок на ветеринарните друштва ,од Вас бараме во рамките на Вашите надлежности и одговорности  утврдени со Закон да ги преземете сите потребни чекори за итно и неодложно интервенирање во правец на подобрување на финансиската состојба и консолидација на ветеринарно-здравствениот сектор, стои во дописот од Ветеринарната комора.

Извршниот директор на Комората Томислав Николовски за МИА вели дека тие постојано, низ разни форми, инсистирале на решавање на оваа неповолна состојба – преку корекција на цените, авансно плаќање на активностите и даночни олеснувања, поради нереализираното барање за намалување на ДДВ на ветеринарните услуги на 5 отсто.

Единствениот епилог од заложбите кои ги спомнувам, е зголемување на цените за активности од јавен интерес за 10 проценти, што во услови на инфлација  во тековната година и енормно зголемување на цените на енергенсите и животните трошоци, нема ни симболично, а камоли ефект на реален финансиски импут за санирање на секторот. Исто така, методологијата за утврдување на цените за активности од јавен интерес до моментов не е усвоена, иако дадениот краен рок беше до 15 јуни тековната година, истакнува Николовски.

Ветеринарната комора денеска организира состанок со претставници на ветеринарни друштва на кој ќе се разговара за подготвеноста, наредните мерки, проблеми и потешкотиитењ во спроведувањето на активностите за контрола и сузбивање на африканската чума кај свињите.

На состанокот, потенцира Николовски, уште еднаш, јавно, ќе биде укажано и на проблемите со кои се соочуваат ветеринарните друштва, а ќе биде утврден и начинот на натамошно делување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.