Откако не остварија средба со директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски, ветеринарите попладнево се упатија кон Владата. Во моментов очекуваат прием на кој, како што велат, ќе ги образложат своите барања за излез од алармантната состојба во која се наоѓа секторот. Кај министерот за земјоделство Љупчо Николовски нема да одат, зашто добиле информација дека е надвор од Скопје.

Ветеринарите бараат усвојување на методологијата за формирање цени која е веќе утврдена, итно зголемување за 30 отсто на сите цени за превентивните ветеринарни услуги кои се на товар на државниот буџет, како и 50 отсто кофинансирање на вакцинацијата против болеста ентеротоксемија кај овци и кози.

Тие денеска одржаа состанок на кој уште еднаш предупредија дека се во многу лоша финансика и материјална состојба и дека нивниот опстанок е доведен во прашање. На состанокот не дојде директорот на АХВ, Бабовски, иако, како што нагласуваат ветеринарите, бил уредно поканет.

Директорот на АХВ бил спречен да дојде на нашиот денешен состанок. Затоа, ние се упативме кај него. Откако не успеавме да одржиме средба, се упативме кон Владата каде очекуваме некој да не прими и да ги слушне нашите барања, изјави за МИА извршниот директор на Комората, Томислав Николовски.

Ветеринарната комора во повеќе наврати досега предупредуваше дека секторот е пред колапс и дека опстанокот на ветеринарните друштва е доведен во прашање што може да има несогледиви импликации врз сточарството, како и врз справувањето со актуелните и идни здравствени предизвици. Комората реагираше и со допис до премиерот и до министерот за земјоделство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.