Петмината велешки пожарникари Димче Јованов, Кире Диковски, Александар Јолдашев, Рамадан Адилов и Роберто Шакиров доцна синоќа се вратија во Велес од Турција, каде учествуваа во спасувачка мисија за пронаоѓање и извлекување на луѓе под урнатините од катастрофалниот земјотрес што го погоди јужниот дел на Турција минатата недела.
Како што информираат од Општина Велес, тие денеска остварија средба со градоначалникот Марко Колев.
Од таму појаснуваат дека тој им се заблагодарил за нивната пожртвуваност и храброст да бидат дел од спасувачките екипи. Воедно најавија дека во согласност со можносттите, Општина Велес ќе ги награди овие пожарникари.
– Велес е горд на своите граѓани кои несебично дадоа свој придонес за справување со последиците од катастрофалниот земјотрес,потенцираат од Општина Велес.
Петте штипски пожарникари кои вчера во доцните часови пристигнаа од турскиот град Адијаман, денеска беа на прием кај штипскиот градоначалник Иван Јорданов. Благодарност за напорната работа, пожртвуваноста и помошта која ја понудија на најпогодените подрачја од земјотресот упати Јорданов кон пожарникарите, а ги награди и со еднократна парична помош во висисна од една нето плата.
Додаде дека е горд на своите пожарникари и дека ако има потреба подготвени се да реагираат повторно со нов тим.
-Посакувам во иднина да не се случуваат вакви моменти, но кога веќе се случи на висина на задачата се координираа и заминаа. Уште еднаш сакам да се заблагодарам, како општина сакаме да се заблагодариме со еднократна парична поддршка во висина од една нето плата која е една скромна благодарност, рече Јорданов.
Урнати згради насекаде, слика која не се опишува со зборови, 12-часовна работа во текот на денот и траорни моменти бидејќи најмногу се вадеа мртви тела, вака пожарникарите ја опишаа сликата по катастрофалниот земјотрес во Турција.
Командирот на ТППЕ Штип, Дарко Коцев вели дека во Турција заедно работел македонски спасувачки тим составен од пожарникари спасувачи од неколку општини и вработени во Дирекцијата за заштита и спасување.
-ТППЕ Штип седум дена неуморно беше во Адијаман, Турција во најпогоденото место, ја изврши својата задача на високо ниво. Нашата задача беше по 12 часа дневно, ја извршивме и се вративме. Сликата со зборови не се опишува, само на лице место. Сликата беше многу лоша. Имаше многу жртви, многу население кое чекаше да биде извадено. Се работеше бавно, прецизно, доколку се најде некој жив да може да се извлече, посочи Коцев.
Забележа дека внимателно работеле на урната зграда од девет ката, со градежна механизација, а откако ќе се забележи жртва, тие настапувале и работеле низ урнатините. Засекогаш ќе им остане врежана сликата, како роднини чекаат пред зградата со трошка надеж дека некој ќе биде извлечен жив.
Крв не дарувале бидејќи имало услов да бидат државјани на Република Турција за да може да даруваат крв, ама, како што рече, работата е успешно завршена и е помогнато на погодените подрачја во моменти кога им е најпотребно.
Тимот штипски пожарникари за Турција заминаа на 8 февруари заедно со вториот македонски конвој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.