На почетокот од својот говор во рамки на собраниската седница на која се расправа за францускиот предлог пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Иванка Василевска ги поздрави Македонците кои како непризнато малцинство живеат во Бугарија, а потоа се наврати на историјата и односот на Бугарија кон Македонија и македонскиот народ, чија посебност никогаш не го признала.

Ова е момент да ги поздравиме Македонците кои живеат во Бугарија, рече на почетокот од својот говор пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ.

Навраќајќи се на периоди од историјата, кои одат во прилог на посебноста на македонскиот народ и јазик, како и на државноста, таа потсети дека Атина го прифати македонскиот јазик како дел од југословенската јазична група, но дека од бугарските академици слушаме дека македонскиот јазик е дел од бугарскиот јазик, дијалект.

Бугарија ја негира посебноста на македонскиот народ. Бугарија како членка на ЕУ не ги почитува базичните принципи за човековите права врз кои почива Унијата. Ако Бугарија смета дека македонски јазик не постои, тоа е непочитување на тие базични вредности на ЕУ”, нагласи Василевска.

Како Софија се согласи за наше членство во НАТО, а сега не се согласува, сега прави проблем, праша Василевска и потсети дека кога Бугарија пред 30 години ја призна Република Македонија, не ја призна посебноста на македонскиот народ.

Според неа, Софија практично наведува дека станува збор за регион, а не за држава Македонија и дека така сака да се одвиваат преговорите со ЕУ, во кои таа преку документите за кои денеска се расправа, ќе става рака како врз протекторат.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.