Претседателот на Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, информира дека во Брисел остварил средба со европратеникот Франсоа Алфонси, кој е „клучна фигура во застапувањето за правата на малцинствата и ценет копретседавач на Интергрупата за малцинствата во Европскиот парламент“.

Нашиот разговор се фокусираше на моменталната состојба на македонското малцинство во Албанија. Имав чест да го запознам со посебниот извештај подготвен од партијата Македонска алијанса за европска интеграција, за неодамнешниот попис во Албанија, спроведен во октомври 2023 година и мешањето на Бугарија за време на пописот. Средбата е значаен чекор кон градење на меѓусебно разбирање, напиша Стерјовски во објава на „Фејсбук“.

Тој додава дека разговарале и за различните патишта за соработка и поддршка, фокусирајќи се на унапредувањето на правата на малцинствата и застапеноста во Европа.

Стерјовски, кој ја предводи партиската делегација, се сретнал и со европратеничката Ана Миранда.

Имав честа да се сретнам со европратеничката Ана Миранда. Таа е исклучителен застапник за правата на малцинствата во Европскиот парламент и нејзината поддршка и посветеност кон оваа кауза е навистина инспиративна, посочува Стерјовски.

Тој вчера имаше обраќање на Генералното собрание на Европската слободна алијанса, ЕФА, во Брисел, каде МАЕИ едногласно беше примена за полноправна членка.

Претходно делегацијата оствари средба со претставници на Советот на Европа и советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во Стразбург.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.