На панел дискусијата ЕУ – Западен Балкан, Вархеји истакна дека војната во Украина е показател дека Унијата нема време за губење, и потребна е интеграција на регионот час поскоро. Вархеји најави дека на средбите со бугарските претставници ќе се обиде да го откочи процесот и да има резултати до јуни.
Не можам да го кријам фактот дека сум крајно разочаран што се уште дискутираме за ова прашање. Бидејќи ние мислевме дека го средивме тоа пред две години, но сега е повторно на маса. Подготвен сум да доаѓам (во Софија) колку што е потребно за да се покрене ова и да се да се реши во јуни годинава. Бидејќи војната ни покажа дека немаме време за губење. Не само време, туку ни интерес да губиме повеќе време на ова прашање. – Оливер Вархеји – Еврокомесар.
Во пресрет на панел дискусијата пак, шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска го постави условот на бугарското МНР – прво вметнување на Бугарите во македонскиот Устав, па почеток на преговори. Сепак, таа не прецизираше дали под почеток на преговори за Македонија, го подразбира одржувањето на првата меѓувладина конференција што се смета за неформален старт или отворањето на првото преговарачко поглавје, што е процес кој во пракса се случува една година подоцна. За разлика од нејзе, бугарскиот премиер Петков пред три дена беше јасен – Уставот да се смени во втората фаза, односно до отворањето на првото поглавје.
Тоа (вметнување на Бугарите во македонскиот устав) е услов кој е во декларацијата на народното собрание и во решенијата на консултативниот совет за национална безбедност, така што за нас тоа е услов кој треба да биде елемент што треба да биде исполнет од страна на Македонија. Во оваа фаза прво да го исполнат тоа претходно, па потоа да започнат преговорите со нив, тоа е условот. Премиерот даде различни сигнали.Не знам какви сигнали дал, но тоа е позицијата, тоа е запишано. – Теодора Генчовска – Министерка за надворешни работи на Бугарија.
Во Софија директно од Берлин пристигна и министерот Османи. Прашан за кредибилитетот на Унијата во процесот на проширување, Османи истакна дека по повеќе од две децении единствената новина е дека расположението на македонските граѓани за членство е во слободен пад.
Немам што ново да кажам, ситуацијата е статус кво. Македонија се уште чека по 21 година од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, по 15 години од добивањето кандидатски статус и 13 последователни позитивни препораки од комисијата дека сме ги исполниле сите барања за почеток на преговори. Тоа што е ново е дека Кредибилноста на ЕУ во Македонија е во пад. – Бујар Османи – Министер за надворешни работи.
Засилената дипломатска активност во пресрет на јунскиот самит продолжува во наредните неколку денови. Во Скопје утре доаѓа еврокоемсарот Оливер Вархеји, а ден потоа и помошник државната серкетарка на САД Карен Донфрид. На маса се очекува да се најдат македонските евроинтеграции и војната во Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.