Еврокомесарот за проширување на Унијата, Оливер Вархеји, во рамките на својата посета во Софија, за време на панел-дискусијата на тема „ЕУ се среќава со Западен Балкан во Софија“, изрази разочараност што и натаму се разговара за прашањето, кога Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ.

Ќе доаѓам во Софија толку често колку што е потребно, за да може да се дојде до решение до јуни годинава. Војната ни покажа дека немаме време за губење. Не само што немаме време, туку немаме интерес, немаме интерес да губиме повеќе време – изјави Вархеји.

Според него, главното прашање е кога ќе почне да се работи на вистинско членство.

Ова е големото прашање кога станува збор за Македонија и Албанија. Не можам да сокријам дека сум крајно разочаран што ова прашање се уште е на дневен ред. Мислевме дека го решивме пред две години, но сега излезе дека прашањето повторно е на дневен ред – рече Вархеји.

Актуелната состојба на Западниот Балкан, во контекст на кризата предизвикана од руската воена инвазија на Украина и последните случувања во дијалогот меѓу Македонија и Бугарија, беа меѓу темите на разговор на денешната средба на бугарскиот премиер Кирил Петков со еврокомесарот Вархеји, соопшти Прес-центарот на бугарската Влада.

Петков на средбата ја потврдил желбата за изнаоѓање заемно прифатливо решение за отворените политички прашања со Македонија, имајќи предвид дека станува збор за теми што се чувствителни за Бугарија. Toj истакнал и дека интензивирањето на секторската соработка меѓу Македонија и Бугарија придонесува за градење меѓусебна доверба и разбирање.

Во Софија денеска е и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи. Тој на форумот за Западен Балкан порача дека кредибилноста на ЕУ во Македонија е крајно разнишана.

Имаме перспектива во застој на Западен Балкан во последните 20 години и мислам дека за доброто на безбедноста и стабилноста во регионот време е да се преземе стратешко лидерство. Иднината и следните генерации ќе судат за нас врз основа на одлуките кои ги носиме денес – изјави Османи.

Според него, во периодот што следува, одлуките донесени на ниво на ЕУ ќе бидат од суштинско значење за иднината на Западен Балкан и неговата ЕУ перспектива, а секое натамошното одложување на овој пат може да има сериозни регионални последици.

Бугарија ќе настојува Македонија да го смени Уставот и да ги направи Бугарите државотворен народ. Тоа денеска го порача бугарската шефица на допломатијата Теодора Генчовска пред почетокот на Форумот во Софија. Во своето излагање таа порача дека во спорот со Македонија се потребни конкретни резултати а не крајни рокови.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.