В петок, 13 септември 2024 г. во Софија ќе се одржи средба на претседателите на Бугарија и Македонија, Румен Радев и Гордана Сиљановска-Давкова. Ова ќе биде прва средба на претставници на двете држави на толку високо ниво по изборот на нов шеф на државата и на нова влада кај нас.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, всушност, го користи гостувањето на ансамблот на Националната опера и балет (НОБ) во Софија за да се сретне со бугарскиот колега откако такво нешто не се случи во Рим за време на чествувањето по повод 24 Мај. Сиљановска и Радев тогаш во исто време беа во италијанската престолнина, но до средба не дојде.
Патувањето на Сиљановска-Давкова заедно со НОБ во Софија доаѓа откако македонската претседателка во мај во Скопје присуствуваше на изведбата на „Валкира“ од софиската опера и балет. Изведбата, во режија на Пламен Карталов, беше дел од 52. издание на „Мајски оперски вечери“, а присуството на Сиљановска-Давкова во салата предизвика голем публицитет во бугарската јавност.
Според најавите, на средбата не се очекува отворање на суштински теми, туку разговорите треба да бидат во функција на релаксирање на атмосферата во односите меѓу двете земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.