Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, вечерва за Телевизија Алсат официјално најави дека утре напладне очекуваат да се одржи првата средба на работната група на ВМРО-ДПМНЕ предводена од партискиот лидер Христијан Мицкоски и претставниците на коалицијата „Вреди“ на партиите на Албанците.

На средбата, како што рече Муцунски, ќе стартуваат разговорите меѓу двата политички субјекта за евентуалната соработка во рамки на идната влада. Не очекува дека уште утре би се дошло до договор, но вели дека тој е извесен доколку постојат добра верба, реални очекувања и фокус на политиките во интерес на граѓаните.

Утре ќе почнат разговорите. Секако, уверен сум дека нема да се дојде до заеднички јазик веднаш на првиот состанок. Ќе се претстават позициите на двете страни, ќе видиме какви ќе бидат гледиштата, но доколку имаме меѓусебна добра верба, доколку сме реални за очекувањата и доколку сме фокусирани на креирање политики во интерес на граѓаните да ја вратиме надежта во оваа безнадежна држава, безнадежноста којашто беше, јас би рекол, главен симбол на последните седум години од владеењето на СДСМ и ДУИ, тогаш ќе најдеме заеднички јазик, посочи тој и додаде:

Оптимистички е да се рече дека утре тоа ќе го успееме, но верувам дека брзо ќе најдеме конкретен план.

Муцунски истакна дека со претставниците на „Вреди“ сè уште не разговарале за конкретни прашања и барања во поглед на нивно евентуално учество во идниот владин состав.

Муцунски додаде дека ВМРО-ДПМНЕ веќе презема конкретни мерки за, како што вели, формирање на контурите на изгледот на идната влада и додава оти очекувањата се дека и без поголем политички субјект може да се стигне до бројката од 61 пратеник бидејќи сè повеќе пратеници во моментов сакаат да бидат дел од мнозинството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.