Во Министерството за образование и наука утре ќе се одржи средба со универзитетски професори од областа на педагогијата и психологијата, безбедноста и сајбер насилството од која се очекува да произлезат заклучоци коишто ќе бидат иницијален чекор за подигнување на институционалната грижа за правилен развој на младите.

Во соопштението што денеска МОН го испрати до медиумите се наведува дека градењето на младите генерации е обврска на целото општество и сите чинители.

– Образовниот систем има примарна улога во градењето на младите како личности кои треба да ги прифаќаат и применуваат вистинските човечки, етички и морални вредности и норми. Но, какви генерации ќе создадеме не зависи само од наставниот кадар и стручните служби во училиштата. Тоа е обврска на сите општествени чинители. Случувањата во нашето соседство вклучија сериозен аларм дека институционалната, семејната и индивидуалната посветеност и грижата за правилниот раст и развој на децата треба да се подигнат на уште повисоко ниво, велат од МОН.

Додаваат дека во изминатиот период се спроведени бројни законски решенија, мерки и активности. Континуирано се зајакнуваат стручните психолошко – педагошки служби во училиштата, се спроведува советување на ученици и на родители на ученици со проблеми во однесувањето од различна природа и се имплементираат проекти за заштита од насилство.

– Како креатори на образовните политики, Министерството за образование и наука заедно со Владата на Република Македонија и сите други засегнати институции и установи, согласно своите надлежности веднаш започнуваме со ревидирање на воспитната компонента на образовниот систем, механизмите за детекција на предизвици и формите на поддршка на учениците и семејствата, наведуваат од МОН.

Очекуваат поддршка од сите засегнати чинители, експертската јавност, граѓанскиот и невладиниот сектор.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.