Уставниот суд денеска на седница расправаше дали со наведувањето на припадноста на заедницата којашто е потребна за пополнување на секое работно место, на кандидатите за административни службеници им се ограничува достапноста на секое работно место, односно дали со „обврска на кандидатите за админстративни службеници во пријавата за вработување меѓу останатите лични податоци да наведат и припадност на заедница“ се нарушува начелото на стручност и компетентност и се повредува и уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување.
Претседателот на Уставниот суд и судија известител по предметот, оформен по иницијатива од ДКСК, Дарко Костадиновски, нагласи дека денеска апсолутно не зборуваат за укинување на нечии права и дека според него оваа афирмативна мерка ја има исполнето својата цел и оти само мерит системот и компетентноста треба да се единствен критериум за вработување и унапредување.
– Круцијален момент за одлука на судот е тоа каква е општествената реалност денеска. Дали таа ја има исполнето својата цел, според мене да правичната и соодветна застапеност ја има постигнато својата цел. Ова го зборувам од призма што откако ќе ја исполни својата цел, го повредува принципот на компетентност, рече Костадиновски.
Костадиновски, исто така, нагласи дека „апсолутно е факт дека примената не е наша надлежност“, меѓутоа, како што рече „некои општествени појави имаат релевантност за нас и за ние да донесеме одлука“.
– Ниту даваме, ниту укинуваме некои права. Не е наше да го учиме законодавецот како да операционализира некое уставно право. Наше право е да видиме како го операционализира и како се применува. Со оспорените одредби не се држи до уставната рамка… Клучно е да одлучиме дали оспорените одредби се согласно Устав, а на законодавецот е да најде начин да го операционализација тоа. Ако темелната вредност е во Уставот, како ние сме го укинале. Не сме укинале ничии права, изјави Костадиновски.
Националноста, според Костадиновски, е приватно, лично и внатрешно чувство на припадност на поединецот и потсети дека Уставниот суд веќе донел одлука и тие како уставни судии кажале дека е лично право „да ја изразам, да не ја изразам или да се воздржам“ за националната припадност.
Најповикан орган да рефлектира правна сигурност, рече Костадиновски е Уставниот суд и посочи дека афирмативната акција ја укинува американското општество, кое, како што рече, е многу покомплексно и диверзифицирано општество, врз основа на истите основи и принципи кои ги содржи и неговио реферат по овој предмет.
– Апсолутно не гледам причина општеството да трепери од нашата одлука. Ниту земаме, ниту даваме нечие право. Не верувам ниту дека ќе создаде правен вакум. Факт е дека овие алатки ја помагаат примената на овие уставни норми и законодавецот уште утре може да седне и донесе насоки за нивна примена. Не сме ние повикани да кажеме што треба да работи, ние можеме само да дадеме насоки каде треба да се движи, порача Костадиновски.
По сопствена иницијатива, Костадиновски му предлужи на судот да поведе и постапка и за регистарот, балансерот и носењето годишни планови за вработување во јавната аднимистрација.
– Сите знаеме во каква реалност живееме. Знаеме каков е квалитетот на услугите и довербата на граѓаните во државниот апарат и јавниот сектор. Ако сме искрени ќе признаеме дека барем во еден сегмент и овие оспорени одредби сметаме дека имаат удел во таа наша реалност. Сето ова го кажувам со надеж дека нема да биде погрешно разбран, изјави Костадиновски.
Уставниот судија Осман Кадриу, рече дека станува збор за едно „чувствително прашање од национална природа за припадноста на немнозинските заедници“ и во своето излагање издвои четири, според него, неспорни факти и неколку спорни наводи на кои даде свое мислење.
– Неспорни факти се: Прво, правото на национална припадност како елемент на правична застапеност. Второ, не е спорно дека во практиката имало злоупотреба на примената на оваа одредба од поединци и органи. Трето, дека сите овие злоупотреби треба да се третираат индивидуално и четврто, дека во сите овие инцидентни злоупотреби затаила одговорноста, изјави Кадриу.
Како спорни факти, Кадиру ги посочи тоа што националната припадност како елемент на правична застапеност на немнозинските заедници својата основа ја има во уставниот амандман 6 донесен во склоп на амандманите 4-18 како резултат на Охридскиот рамковен договор.
-Со овој амандман се воведува значајна темелна вредност – се гарантира правилна застапеност на сите заедници во сите институции и на сите нивоа. Второ, иако за мене не е спорно, но да го елаборирам како такво. Со синтагмата национална припадност не се суспендира никогаш апсолутно законските услови за вработување за конкретно работно место и не се елиминира мерите системот. Не само што не се суспендираа овие вредности, туку треба да се почитуваат, затоа што актот на засновање работен однос секогаш подлежи на ништовност, изајви Кадриу.
Третта околност, посочи Кадиру, е тоа како гледаат меѓународните договори и конвенции на важното прашање на националната припадност.
– Во ниту еден од нив нема ниту една одредба со која се забранува правото на граѓаните за изразување на националната припадност. Напротив се подржуваат и промовираат, изјави тој.
Според Кадриу, во конкретниот случај се поаѓа од констатација дека одредбите за националната припадност и правична застапеност во администрација се противуставни, меѓутоа, како што посочи, како тогаш „националната припадност и правилна застапеност и те како се применуваат во останатите органи“, како што е случајот при изборот на судиите, обвинители, народен правобранител … каде „таа уставна одредба се почитува и беспрекорно се применува“.
-Ние тројца сме избрани со Бадентер, но клучен елемент за нашиот избор беше нашата национална припадност. Затоа го поставувам прашањето, ако е противуставен тогаш зошто не се проширува и на овие одредби. Затоа е контрадикторен, изјави Кадриу.
Ако се усвои иницијативата, според Кадриу, ќе се суспендира самото право на сите немнозинските заедници и „граѓаните ќе губат право и трпат штета на своите уставно загарантирани права“.
-Застапеноста на помалите национални заедници е загрижувачка и ги нема. Замислете ако се укине правото, тек тогаш ќе немаме никаква застапеност и правата на немнозинаките заедници ќе бидат укинати. Мора да констатирам дека ако тоа се случува и донесе одлука на штета на немнозинските задници ќе бидеме донесени како суд во една мошне штетна состојба за односите меѓу заедниците во државата, изјави Кадриу.
Во однос на предлогот на судијата известител по сопствена иницијатива да се прошири и за низа други законски одредби од иста материја, Кадриу рече дека е безпредметен.
– Сопствена иницијатива може да има судот, а не еден судија. Кога станува збор за сопствена иницијатива, ние немаме усен предлог, туку пишан извештај и готов предлог, изјави Кадриу.
Судијата Насер Ајдари, изјави дека го поддржува во целост настапот на судијата Кадриу, кој, како што рече, изнел непоборливи факти.
– Убеден сум дека оваа иницијатива треба да се отфрли како неоснивана. Клучно е да се разбере дека оспорените одредби не се противуставни, туку темелна вредност. Без овој балансер ризикуваме да се вратиме во состојба на нееднаквост, изјави Ајдари.
Според Ана Павловска – Данева, уставните судии се повикани малку пошироко да размислуваат во општествениот контекст и затоа добро е што, како што рече, судијата известител реферира и пракса од американските судови.
-Совршено се согласувам со изнесеното во рефератот на судијата известител. Во однос на проширувањето на иницијативата по сопствена иницијатива, апсолутно сметам дека има право, со оглед дека има усно право тоа да го направи и на писмено, изјави Павловска – Данева.
Балансерот, посочи Павловска – Данева, е само софтверското решение од 2016 година, и ништо од тоа на што, како што рече реагирала ДКСК, туку судијата известител по сопствена иницијатива го проширува, и тоа е добро.
– Имајќи го предвид духот на алатките кои се применуваат за правична застапеност Балансерот ниту значи унапредување на правата, ниту го назадува. Од 2016 година тоа е алатка на корупција, партизација и непотизам. Огромен број вработувања кои менуваат националност. Оттука апсолутно ќе го поддржам предлогот методологијата да биде укината, изјави Павловска Данева.
Во однос на предлогот на ДКСК, Павловска Данева се осврна само на третиот навод за јавниот оглас, оценувајќи дека со тоа се оспорува правото на работа.
– Едно од основните права е правото на работа. Кажете, како не ми е оспорено правото на работа, ако во јавниот оглас се вели „смее да конкурира само Македонец“. Нели со тоа се прекршени правата на сите немакедонци. Тоа е противуставно и ниту си ги штитиме своите сонародници, изјави Павловска Данева.
Според неа, кога една правна норма е до тој степен недоречена и остава простор за злоупотреби, тоа предизвикува правна несигурност на граѓаните. – Ако министерството остави правен вакум што создава правна несигурност, тогаш Уставниот суд и те како е повикан да реагира, нагласи таа.
Татјана Васиќ Бозаџиева, рече дека според неа правото на правична затапеност и забраната од дискриминација може да се применат во целост и дека „не смета дека двете одредби треба да бидат исклучителни едно со друго“.
-Укинување на Балансерот не значи укинување на темелната вредност. Таа и понатаму стои, се додека не се оцени дека не е потребна, односно законодавецот не кажат дека таа афирмативна мерка ја исполнила својата цел и треба да се укине. Сметам дека дадениот предлог е прифатлив, основан, бидејќи влегуваат во делот на трудово право, изјави Васиќ Бозаџиева.
Според, Бозаџиева „балансерот“ не треба да се укине, туку да се замени со нова алатка што нема да генерира негативна дискриминација.
– Мојот став е дека треба да се поведе постапка и даде можност и рок на соодветните институции, согласно нивните податоци да излезе со предлог решение што нема да генерира негативна дискриминација. Мојот предлог е давам поддршка на рефератот, но сметам дека тоа треба да биде придружено со препораки, изјави Васиќ Бозаџиева.
Судијката Јадранка Давовиќ Анастасовска, рече дека од сите алатки за правична застапеност за неа најспорно е дека во огласите треба да стои националната припадност.
– Човечки е дека тој што сака да се вработи, може да ја смени националната припадност, која е слободно чувство. Како се утврдува дека некој дал лажна изјава и навистина не знам каков е тој регистар. Тоа ми отвора една дилема. Тоа е мојата дискусија, не знам дали помагам или не, изјави Давовиќ Анастасовска.
Судијата Фатмир Скендер, рече дека во целост се согласува со ставовите на судиите Кадриу и Ајдари и порача дека не е „наша обврска да кажеме дали овој закон е исцрпен во својата примена, тоа е обврска на законодавната власт“.
– Единствена алатка да се спречи мајорозација на помалиот од поголемиот. Кои се последиците ако го укинеме. Ние не можеме да водиме сметка за последиците, туку дали е уставен или не. Мое лично убедување е дека е уставен, изјави Скендер.
Во однос на неговите ставови за националната припадност, Скендер, рече дека стекнатите права не треба да се укинуваат, туку да се унапредуваат.
– Се работи за стекнати права кои не отстапуваат од сите меѓународни конвенции и договори, кои се прифатени за унапредување на човековите и национални права. Она што се појавува како дилема е дека стекнатите права не треба да се укинуваат, туку да се унапредуваат. По мое мислење постоечките законски одредби кои се сега Оспорени се целосно во функција и целосно се неосновани наводите дека не ја исполнуваат целта, изјави Скендер.
Судијката Добрила Кацарска рече дека предлогот да се прошири не го прифаќа, од причина што за тоа требало судијата известител да побара на расправа да биде проширено кога увидел додека го правел извештајот дека има дополнителни уставни недоречености.
– За мене основно е Член 42 е многу јасен. Секому под еднакви услови му е достапно секое работно место. Тогаш не може да бараме од некој да бара изразување на националната припадност. Тогаш тука не може од никого да се бара да наведува припадност. Секој може да конкурира и ќе биде вработен најдобриот. Да се согласувам дека треба да се почитува правото на правична застапеност, но не на сметка на уставно право, изјави Кацарска.
Елизабета Дуковска, рече дека според неа ваквите огласи и вработувања „се ограничувачки и спротивни на Уставот бидеќи ги ограничуваат помалите заедници да го остварат своето право на вработување“.
-Законот за заштита од дискриминација забранува секаква дискриминација од расна и политичка и секаква припадност. Не смее да има ограничувањ во огласот на само еден дел или група луѓе. Постапките, би требало да се вршат по мерит систем, каде националноста може да биде земена во предвид само откако ќе се утврди дека ги исполнуваат условите за работа, рече Дуковска.
Предметот, оформен по иницијатива поднесена од стариот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), ги оспорува член 19 став 1 алинеја 1 во делот „припадност на заедница“ од Законот за вработените во јавниот сектор, член 36 став 1 алинеја 1 во делот „и припадност на заедница“ од Законот за административни службеници и член 2 став 1 алинеја 8 и член 3 алинеја 1 во делот „припадност на заедница” од Правилникот за задолжителните елементи на јавниот оглас за пополнување на работно место во јавниот сектор.
Според подносителот на иницијативата (ДКСК), со примена на оспорените законски одредби се загрозуваат основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободното изразување на националната припадност, соодветната и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници во органите на државната власт и други јавни институции и владеењето на правото загарантирани со одредбите во членовите 9, 32 став 1 и 2, 54 став 1, 2 и 3 од Уставот.
На дневен ред на денешната 24. седница на Уставниот суд се повеќе иницијативи за оценување на уставност и законитост, и неколку предлози за одлучување со нацрт одлуки и нацрт-решенија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.