Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во понеделник ќе престојува во официјална посета на Македонија. Таа ќе биде пречекана од премиерот Димитар Ковачевски во Владата со највисоки државни почести, соопшти владината прес-служба.
Фон дер Лајен, како што изјави за МИА вицепремиерот Бојан Маричиќ на крајот на работната посета на Брисел, доаѓа во Скопје за да разговара за потребните и неопходните реформи и за дополнителните средства што треба да ги добие земјава како помош од ЕУ и мотивација за реформите, како и за обврски што ни преостануваат, за да се комплетираме оваа фаза на пристапувањето и да се премине во втората, односно отворање на кластерот и со тоа да се најави и крајот на скринингот.
Секоја посета на високо ниво од овој калибар ја сметаме за добар сигнал за нашиот регион. Да не заборавиме дека минатата недела имаше Самит од Берлинскиот процес во Тирана, каде што исто така беше присутна и претседателката на Европската комисија. Таму најави дека ќе има турнеја низ Западниот Балкан. Таа турнеја почнува токму од кај нас, од Скопје, од Cеверна Македонија и сметам дека тоа ќе е добар сигнал, нагласи Маричиќ.
Според него, се очекува таа да ги најави извештаите на ЕК за напредокот на земјите кандидати за членство во ЕУ, чие објавување е предвидено за 8 ноември, како и да ги презентира основните црти на Планот за раст на Западниот Балкан, што би требало да биде објавен до крајот на оваа година.
Тоа е еден план којшто ни овозможува имплементација на некои политики на ЕУ во нашите земји уште пред членството. Значи, тоа е еден вид на интеграција пред членство. Тоа е план којшто треба да ни овозможи повеќе шанси за нашите млади, за нашата бизнис заедница и план кој треба да ни овозможи повеќе шанси и за институциите и за граѓаните пред пристапувањето во ЕУ, потенцира Маричиќ.
Фон дер Лајен за време на посетата на Скопје, покрај со премиерот Ковачевски, ќе има средба и со претседателот Стево Пендаровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.