Државата треба да биде сериозно загрижена од најновите резултати од Програмата на ОЕЦД за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) коишто покажуваат уназадување во резултатите од учењето на учениците по читање, математика и природни науки, вели претставничката на УНИЦЕФ Патриција ДиЏовани.

Таа ги повикува сите лидери на политички партии да се заложат структурните реформи во образованието да станат национален меѓупартиски приоритет.

Резултатите кои беа вчера објавени покажуваат дека три четвртини (74%) од 15-годишните ученици во Македонија имаат слаби резултати по читање; додека двајца од тројца ученици покажуваат ниски резултати по математика (64%) и природни науки (65%).

Земјата со години се соочува со криза во учењето. Се очекуваше дека пандемијата ќе ја влоши кризата во учењето и дека децата во речиси секоја земја ќе постигнат пониски резултати во учењето. Новите резултати од ПИСА сега даваат цврсти докази за тоа во колкава мера се намалиле резултатите во учењето на учениците во нашата земја.

Сите во земјата треба да бидеме сериозно загрижени за овие резултати. Кризата во учењето е резултат на децениското несоодветно решавање на клучните структурни предизвици, недостатокот од континуитет во реформските процеси од страна на различни влади и на неуспехот да се насочи образованието кон реалните и индивидуалните потреби на учениците, вели претставничката на УНИЦЕФ во Македонија.

ДиЏовани додава дека справувањето со кризата во учењето е одговорност на сите. Собранието, Владата вклучително и Министерството за образование и наука, но и Министерството за финансии, општините, училишното раководство, наставниците и родителите треба да дејствуваат веднаш.

При разгледувањето на буџетот, Собранието треба да побара од Министерството за финансии да го зголеми финансирањето на образованието за да се подобри квалитетот и да се доближат јавните расходи на земјата за образование до просекот на ЕУ што е 4,9%.

Општините мора да работат на консолидирање на училишната мрежа. Поради далекусежните демографски промени, карактеризирани со намален наталитет, миграција и зголемена урбанизација, некои училишта се пренатрупани, додека други се недоволно искористени, што понекогаш резултира во некои училишта да има повеќе наставници отколку ученици.

Од клучно значење е училиштата да работат во една смена за да се овозможат дополнителни часови за настава и воннаставни активности. Постојната практика да се прават повеќе, помали паралелки како прилагодување на зголемениот број наставници, треба да се замени со нивно ангажирање во дополнителни активности, вели ДиЏовани.

Наставниците мора да создаваат можности учениците да го поврзат теоретското знаење со практичните искуства. За да се постигне тоа, наставниците мора да организираат практични активности, експерименти, проекти и да го користат искуственото учење за да им овозможат на учениците практични вештини и подлабоко разбирање на предметот.

Истражувањата покажуваат дека децата чии родители се вклучени во секојдневните активности на детето дома (на пр. читање, цртање, следење на нивниот напредок во училиште) и се активни учесници во училишниот живот на детето (на пр. комуникација со наставниците за напредокот во учењето и однесувањето на детето и вклучување во училишни активности), имаат подобри резултати во образованието.

Предолго време дозволуваме децата да заостануваат во читањето, математиката и природните науки. Многумина сега се млади возрасни лица, кои се запишуваат во високото образование или почнуваат да работат, а празнините во нивното знаење ќе излезат на виделина и тоа има своја цена. Тоа ќе има сериозни последици врз сегашните и идните генерации, додават од УНИЦЕФ.

Ова е четврто учество Македонија во ПИСА, преку Министерството за образование и наука. Претходно бевме дел од студиите во 2000, 2015 и 2018 година. Во месеците април и мај 2022 година беа опфатени 6.610 ученици од 111 средни училишта, каде во зависност од големината се тестираа од 35 до 155 ученици на македонски и албански јазик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.