Пратеничката група на Собранието за соработка со Парламентите на: Република Казахстан, Киргистанска Република, Република Таџикистан, Република Узбекистан и Туркменистан, оствари средба со казахстанскиот амбасадор, Сатибалди Буршаков.
Како што соопштија денеска од собраниската прес-служба, претседателот на Групата, Никола Коњановски, информира за традиционалното формирање ваква група за соработка со земјите од Кавказот, со што се покажува заинтересираноста за востановување и јакнење на меѓупарламентарната соработка.
– Нашата Амбасада во Астана е отворена во 2014 година, а од друга страна, Бурашов е првиот резидентен амбасадор на Казахстан во Скопје, назначен на оваа функција годинава, и во таа насока му беше упатена честитка и посакан успешен мандат. Коњановски изрази задоволство што билатералните односи меѓу нашата земја и Казахстан се карактеризираат со пријателство, меѓусебно разбирање и заеднички интерес за натамошно проширување и продлабочување. Иницијативите на Казахстан во меѓународните организации се поддржани, а соработката на мултилатерален план е особено изразена во рамките на ОН и ОБСЕ, стои во соопштението.
Амбасадорот Буршаков, се посочува, изрази чест што е гостин во Собранието токму денеска, на Денот на Република Казахстан, и во тој контекст ја искористи можноста да ја запознае Групата со својата земја, која е независна од 1991 година, кога се оддели од Советскиот Сојуз. Оттогаш, Казахстан е земја која динамично се развива во Централна Азија, а има изградено одлични стратешки партнерства и со соседите и со глобалниот свет. ЕУ е најголемиот партнер на Казахстан, но тука се и Русија и Кина. Казахстан е држава најголема во светот без излез на море и деветта според својата површина, која има богата историја и располага со многу ресурси, особено позната по извозот на нафта.
-Покрај тоа што броиме исто години независност излезени од едни поранешни системи, двете земји се слични и како мултиетнички општества, со тоа што Казахстан брои 130 етнички малцинства, се посочува во соопштенето.
Соговорниците, се додава, ги поздравиле меѓусебните односи и потпишувањето значајни договори, но биле едногласни дека постои простор и огромен потенцијал за натамошно унапредување на соработката меѓу двата парламента и меѓу двете држави на многу полиња, како економија, трговија, енергетика, бизнис, образование, здравство, култура… За зацврстување на пријателството, тие оставиле отворена врата за меѓусебни посети за размена на идеи и искуства.
Следната година ќе се заокружат 30 години од воспоставувањето билатерални односи со Казахстан, па Групата и амбасадорот се согласија да се одбележат на пригоден начин, се наведува во соопштението.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.