Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Билјана Ангеловска, денеска по повод Светскиот ден на науката за мир и развој – 10 Ноември, ги додели наградите за најдобри научници и уметник на годината во повеќе научно-истражувачки подрачја.

Традиционално УКИМ доделува награди и признанија на своите најдобри научници. Денес ги одбележуваме исклучителните достигнувања, напредните истражувања и неуморната потрага по знаење на дел од нашите најдобри истражувачи. Наградата и плакетите кои УКИМ ги доделува за најдобар научник, се признанија резервирани за оние кои отидуваат над и подалеку во нивните придонеси за науката и за нашата универзитетска заедница, рече Ангеловска.

Наградата за најдобар научник од природно-математичкото подрачје беше доделена на Даниел Галинов, наградата за најдобар научник од техничко-технолошкото подрачје на Димитар Трајанов, од медицинските науки на Андреј Николовски, во подрачјето на ветеринарните науки на Александар Узунов, од општествените науки на Александар Стојков, додека пак, во категоријата најдобар уметник на годината на професорката од Драмскиот факултет во Скопје, Зоја Бузалковска.

Ангеловска во своето обраќање истакна дека заложбите на УКИМ во изминатиот период се подобрување на позициите во однос на светските ранг листи за рангирање на универзитетите, но за тоа, како што рече, неопходен е систематски пристап со конзистенти политики на државата кон науката и препознавање на значењето на истражувањето и иновациите.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.