Во пресрет на 3 декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост денеска се реализираше активноста Отворен Кабинет, во рамки на која Кабинетот на Претседателот на Република Македонија го посетија ученици со атипичен развој од ООУ „Ѓорги Сугарев” – Битола.

Учениците се сретнаа со претседателот Пендаровски и со неговата сопруга, Елизабета Ѓоргиевска и ги споделија нивните желби, хобија, интереси и омилени активности во рамки на образовниот процес.

Во разговорот со специјалните едукатори и рехабилитатори, претседателот Пендаровски и г-ѓа Ѓоргиевска се запознаа со тековните проекти на Центарот за поддршка на учењето на децата со попреченост, што во рамки на битолското основно училиште, овозможува инклузивност, личен развој и индивидуална надградба на учениците.

Претседателот и неговата сопруга се заблагодарија за денешната посета на учениците, посакувајќи им да гo следат својот сон и постојано да се стремат кон остварување на своите цели.

Посетителите имаа можност да ги разгледаат и работните простории на претседателот Пендаровски, како и Мозаик салата во која е поставен диптихот „Македонија – светла земја“ и „Македонија памети“ на нашиот уметник – академик Глигор Чемерски.

Отворен Кабинет е дел од проектот Лице в лице со Претседателот, во рамки на кој, институцијата ја посетиле граѓани од различни возрасти, професии и занимања, студенти од земјава и од странство, како и ученици од основни и средни училишта.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.