Законска обврска на Националната комисија за учебници информира е разгледување на стручните мислења доставени од рецензентски комисии и Бирото за развој на образование (БРО) или Центарот за средно стручно образование (ЦССО), а не стручно вреднување на учебниците, соопшти денеска Комисијата во врска со реакциите за учебникот по историја и општество за петто одделение.

Според Законот за учебници не е предвидено Националната комисија да има членови од сите поединечни области од предметите што се изучуваат во основните и средните училишта. Оттука, во својот состав Комисијата нема експерти по сите научни области за директно да ги разгледува пристигнатите ракописи за учебниците по разни научни области. А и да има, тоа не е нејзина надлежност и обврска, туку на наменски формирани рецензентски комисии и на БРО или ЦССО, наведува Комисијата.

Во денешното соопштение се нагласува дека Законот за учебници во член 16 став 2, наведува дека рецензентската комисија е одговорна за настанатата штета во случај ако учебникот биде повлечен од употреба поради сериозни и очигледни грешки во стручното вреднување на ракописот за учебник.

Во случајот со ракописот по предметот историја и општество за петто одделение, мислењата коишто во Националната комисија за учебници пристигнаа од БРО и од рецензентската комисија беа позитивни, но со листа на забелешки и сугестии, коишто треба да бидат внесени од страна на авторите пред да се печати учебникот. Врз основа на добиените мислења за ракописот од БРО и рецензентската комисија, членот известител од Националната комисија на седницата одржана на 6.9.2022 достави негативно мислење и наведе дека ракописот не ги исполнува условите за учебник и не се препорачува за печатење. Беше предложено ракописот да биде вратен на повторно разгледување на авторите и во целост да се извршат корекции согласно со дадените забелешки. Потоа во Националната комисија пристигнаа позитивни мислења за ракописот на учебникот од страна на БРО и на рецензентската комисија, во коишто јасно е наведено дека во целост се извршени корекциите по забелешките и со кои беше предложено учебникот да биде печатен, пишува во соопштението.

Како што се додава, по добивање на позитивните мислења со препорака за печатење на учебникот и водејќи се од нив, Националната комисија на седница на 27.10.2022 година донела одлука за прифаќање на ракописот, односно за одобрување и употреба на учебникот.

Националната комисија во текот на целокупното свое работење, откако е формирана во март 2022 година, па сѐ до сега, исклучиво работи во рамките на законските надлежности. Националната комисија ќе продолжи, како и досега, да работи совесно и според Законот, а пред сѐ во интерес на учениците и нивното квалитетно образование, се истакнува во соопштението.

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири изјави дека до второто полугодие ќе има решение за учебникот по историја и општество за петто одделение, каде се констатирани низа грешки и нелогичности.

До второто полугодие ќе имаме решение и ќе побараме од авторите да ги коригираат грешките. Ако се утврди дека грешките се повеќе од 30 проценти, ќе заземеме став. Очекуваме дали се само тие или има уште, појасни министерот во гостување во емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.

Од Министерството за образование и наука изјавија дека авторите и рецензентите на учебникот, вината за направените грешки во содржината, неосновано ја префрлаат на МОН, потенцирајќи оти предизвиците требало да ги надминат во корелација со Националната комисија за учебници.

Здружението на историчарите на Република Македонија реагираше на објавувањето на овој учебник за петтоодделенци од авторките Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска и нотираше, како што беше соопштено, редица пропусти, како во содржинска, така и во концепциска смисла. Од Здружението најавија дека до Министерството за образование и наука ќе достават детална критичка анализа на учебникот, врз основа на која ќе се побара тој да биде повлечен од употреба, а целата Концепција за основно образование да се преиспита и за неа одново да се поведе реална јавна дебата.

Од Здружението посочија дека „доколку овој учебник се употребува во наставата, ќе му нанесе непроценлива штета на воспитно – образовниот процес и ќе влијае негативно врз развојот на учениците“.

Премиерот Димитар Ковачевски нагласи дека авторите треба да обрнат поголемо внимание при пишувањето на учебниците, но, исто така, внимание да обрнат и рецензентите при рецензирањето на книгите.

Запрашан дали ќе побара одговорност од министерот за образование и наука, Ковачевски одговори дека министерот не ги пишува учебниците, туку тоа го прават авторите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.