Амбасадорот на Република Турција во Скопје, Фатих Улусој денеска приреди церемонијата со која беше одбележан 15 јули – Денот на демократијата и националното единство.
На церемонијата во резиденцијата на која присуствуваа поранешниот претседател Ѓорге Иванов, пратеници и претседатели на политички партии, претставници на бизнис заедницата и на медиуми, амбасадорот Улусој посочи дека поминале осум години од обидот за преврат на, како што рече, „кукавичката терористичка организација ФЕТО чија цел беше поткопување на постоењето и опстојувањето на Република Туркије“.
-Припадниците на ФЕТО инфилтрирани во турските вооружени сили, вечерта на 15 јули, во Туркије имаа намера да ја превземат контролата врз државните институции. Таа вечер, симболот на народниот суверенитет, Големото национално собрание на Туркије, сведочеше на настан кој не се случил во ниедна претходна војна, односно заедно со други институции беше бомбардирано, и тоа додека внатре беа присутни пратеници. Во една вечер 251 наш граѓанин, стари, млади и деца паднаа во одбрана на татковината, а над две илијади беа ранети. Обидот за државен удар од 15 јули беше оневозможен под водство на почитуваниот претседател на Туркије и благодарение на одлучниот став на безбедносните сили и турскиот народ. Отпорот на турскиот народ таа вечер моќно ја олицетвори народната волја. Народот таа вечер со знамиња во раце ги запре тенковите. 15 јули е „Победата на народот“, рече Улусој.
Тој потенцира дека борбата против ФЕТО е консензуална тема на сите страни во Турција и оти во периодот по обидот за преврат до денес, уништена е нејзината инфраструктура, завршени се правните процеси и одговорните се изнесени пред лицето на правдата, а вели, „затворени се и нивните паравански структури во областите на образованието, медиумите и банкарството“.
Откако ја изгубила својата структура во Турција, по 15 јули, како што наведе турскиот амбасадор ФЕТО опстојува во странски земји и „претставува сериозна закана за националната безбедност не само за Анкара, туку за самите земји во кои е присутна, поради што продолжуваат со нивната битка за спречување на дејствувањето на ФЕТО во странски земји“.
Во тој контекст наведе дека се започнати правни процеси за лицата поврзани со ФЕТО во странски земји со барања за нивна депортација и екстрадиција кои се доставени до релевантните земји, како и иницијативи во насока на затворање на образовните институции на ФЕТО во странство и пренесување на нивната сопственост на Турската државна фондација – МААРИФ. Досега, додаде тој, над 200 училишта во разни земји преминале во сопствеништво на Турската државна фондација Маариф која нуди образование според највисоки стандарди и е присутна и во Македонија. -Од друга страна жалам што ФЕТО продолжува да постои во Македонија. Затскриени зад превезот на образовни институции и злоупотребувајќи го името на значајниот поет на турската книжевност Јахја Кемал, во Скопје, Тетово и Струга дејствуваат три училишта кои се поврзани со ФЕТО, изјави турскиот амбасадор.
На 15 јули 2016 година во Турција се случи неуспешен обид за државен удар започнат од група воени службеници во кој загинаа над 250 лица, а над 2.000 беа повредени. Турските власти сметаат дека ФЕТО на проповедникот Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, стои зад пучот
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.