Денес во Министерството за правда се одржа јавна расправа за нацрт – текстот на Предлог Законот за вештачење, на која поздравни обраќања имаа министерот за правда Тупанчески и заменик министерот Агим Нухиу.

Министерот Тупанчески во обраќањето истакна дека со новите измени на Законот за вештачење се изврши ревидирање на системот на судско вештачење преку допрецизирање на одредбите со кои се регулира влезот во професијата вештак, вршење на дејноста вештачење и продолжување на лиценците со оглед на тоа дека Комората на вештаци не беше во функција долг временски период.

Верувам дека со донесувањето на овој современ закон ќе се решат долгогодишните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, судовите и самите вештаци и ќе придонесе кон зајакнување на ефикасноста и квалитетот на судските постапки, рече Тупанчески.

Министерот за правда се осврна на потребата од промена на досегашниот закон и истакна дека поради големиот број на лоцирани слабости и недостатоци во актуелниот закон, нужна беше потребата од зајакнување на функционалноста на системот за вештачење преку донесување на нов закон кој целосно ќе одговара на реформираниот правосуден систем.

Сакам да нагласам дека законот е целосно усогласен со мерките кои произлегуваат од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017 – 2022). Во таа насока, се напушта концептот на електронско полагање на испитот за вештаци и се воведува усно и писмено полагање на кандидатите пред стручни комисии, врз основа на објективни и мерливи критериуми за процена на нивните знаења, рече Тупанчески.

Заменик министерот Нухиу дополна декa со новите законски измени досегашните нелогичности ќе бидат отстранети.

За странско вештачење има случаи кога судиите покажуваат дилеми дали директно да применат странска експертиза или да побараат мислење или еквивалентност на странска експертиза. Во некои случаи пак одредени академски и научни експерти дале експертиза за одредена област, а потоа за други случаи од истата област ја одбиле поради некомпетентност. Поради ваквите ситуации изработка на нов текст на Законот за вештачење беше повеќе од потребен, рече Нухиу.

Пред учесниците, претставниците на Агенција за судски вештачења, и присутни членови на работната група, која изминатиот период заедно со експертите од Република Хрватска и Босна и Херцеговина активно работеше на изготвувањето на Нацрт – текстот на Законот за вештачење, свои обраќања имаа и директорот на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, проф. д-р Александар Станков и претседателката на работната група, Валентина Шаурек.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.