Кога „македонскиот државен“ историчар број 1, историографски еквилибрист, политички и партиски измеќар, бескрупулозен конформист, и копретседавач на заедничката македонско-бугарска комисија за прашања од историјата и за учебниците, кој се потпишува и со титулата акадамик, проф.Драги Ѓоргиев, ќе каже „не“, тоа значи „да“. И обратно, кога ќе каже „да“, тоа всушност значи „не“, пишува „Пресинг тв“.
Драги Ѓоргиев, како директор на Институтот за национална историја, по 12 години на оваа функција, одлучи да не се јави на конкурсот за директор на оваа институција. Но, тоа апсолутно не значи дека навистина не сакал да остане на челната позиција. Зашто, по упадот на власта во целата конкурсна постапка, тој не се откажа и ја прифати позицијата на в.д. директор во наредните шест месеци, до наредниот конкурс за избор на нов прв човек на институцијата. Машала, и со нова плата, повисока за над 70%.
Со тоа во суштина, заедно со целата игра на власта придонесе за целосна партизација на Институтот и упад во неговата автономија! Што е уште пострашно, даде максимален придонес во фрагментирањето и влошување на меѓучовечките односи меѓу самите вработени! И кога денеска ќе го чита својот пристапен говор за редовен член на МАНУ, анализирајќи ја и оценувајќи ја „Македонската историографија во периодот на транзиција“, фактички ќе се самопромовира во уште еден партиски приврзок во највисоката научна институција во државата, а аплаузите, всушност, ќе значат извици уааа!
А, како власта го изврши целиот упад?
По распишаниот конкурс за директор на ИНИ, како што е редот, вработените избрале и формирале конкурсна комисија за рангирање на кандидатите. Се јавиле двајца кандидати, проф.Митко Панов и проф.Катерина Младеновска Ристовска. Според приложените програми и сивија, прворангиран со 50 бода бил проф.Панов, а вторангирана, со 17 бода, била проф.Младеновска Ристовска.
Но, види чудо, две имиња, извесни Неџат Зекир и Пане Панев, имиња кои, според проверка направена во евиденцијата на МВР, всушност не ни постоеле, поднеле приговори за дотогашната постапка! Следувала посета од просветен инспектор, чија канцеларија не била од Скопје, туку од Куманово! Така случајно, нели! И таа праќа свој извештај со свои забелешки, што и како треба натаму да се постапи. Според Законот за наставно научна дејност, таа била обврзана извештајот да го достави и до Советот и до директорот Ѓоргиев. Но, повторно сосема случајно, прво го добива Ѓоргиев, кој и го потпишува, а дури подоцна, по него, го добива и Советот, но без можност за никаква интервенција.
И со потпис на Ѓоргиев почнува спроведување на забелешките. Па така, првиот состав на конкурсната комисија е разрешен без никаква одлука и заклучок и формирана е нова, одново сосема случајно без никаква одлука! Втората комисија прави рангирање и повторно на прво место е проф.Панов, а втора е Младеновска Ристовска. Значи, кај делот на вработените нема никаква дилема во поглед на изборот и рангирањето од аспект на понудените програми и сивија.
Во меѓувреме, Владата врши избор на нови надворешни членови на Советот на ИНИ и во него влегуваат Василка Ѓоргиева, правник од Завод музеј Струмица, поставена за директорка од СДСМ во 2017 година, проф.д-р Емилија Симовска од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања и поранешна министерка за образование, и Рубинчо Белчески, кустос од Завод музеј Прилеп, поранешен пратеник од редовите на СДСМ.
На гласањето за избор на директор, пак, што го прави деветчлениот Совет, од кои шест члена се од вработените во ИНИ, и тројца надворешни членови, кои ги назначува Владата како основач на Институтот, проф.Митко Панов добил четири гласа-три од редовите на вработените и еден од надворешните членови. Но, тоа не било доволно за да го добие потребното мнозинство. Овдека мора да се потенцира дека проф.Младеновска Ристовска, како член на Советот, не можела да гласа самата за себе, поради судир на интереси.
Но, при второто гласање за избор на в.д. директор, пак, двајца членови на Советот од редот на вработените и тројцата надворешни од Владата го избрале Драги Ѓоргиев за в.д. директор. Сега, покрај проф.Билјана Ристовска Јосифовска, ќерка на покојниот академик Блаже Ристовски, која важи за десна „патерица“ на директорот, и се дозволува да гласа и на кандидатката за директор проф.Младеновска Ристовска, па така власта го обезбедува потребното мнозинство за натамошно в.д. директорување на Ѓоргиев, наспроти партизацијата и упадот во автономијата на Институтот, и наспроти волјата на мнозинството вработени во него.
Власта не остава нејзиниот „државен“ историчар број 1 да „падне“! Советот на Институтот за национална историја денеска му довери нов мандат, но овојпат како в.д. директор, што ќе треба да го извршува во наредните шест месеци. Во овој период треба да биде распишан нов конкурс за избор на директор институцијата, дознава „Пресинг ТВ“.
Дека власта подготвува пуч при изборот на новиот директор на ИНИ најави проф.Катерина Тодороска во интервјуто, што го даде за Република и Пресинг ТВ.
Бидејќи многу добро го познавам Драги Ѓоргиев, нему не му верувам дури кога молчи, а камо ли, пак, кога зборува. Така што, дали тие си зеле некоја обврска, дали со тие силни евра со кои што се платени им е врзана устата, па не смеат да изговорат дека е Македонец, тоа е негова работа. Меѓутоа, неговиот збор за мене, не зборувам општо, не вреди колку снегот од пред две години, вели во нејзиното интервју Тодороска.
На конкурсот беа пријавени двајца кандидати-проф.Митко Панов и проф.Катерина Младеновска. Но, при самиот крај на постапката интервенираше Просветниот инспекторат, наводно по добиени претставки. Да биде иронијата поголема, на нив биле потпишани имиња на личности, кои според нашите сознанија воопшто не ни постоеле!
Советот на ИНИ брои шест члена од вработените во Институтот и тројца, што ги именува Владата, или вкупно девет члена. На денешната седница при првото гласање за избор на директор Митко Панов добил четири гласа-три од редовите на вработените и еден од надворешните членови, што било доволно да не го добие потребното мнозинство.
При второто гласање за избор на в.д. директор, пак, двајца членови од вработените и тројцата надворешни од Владата го избрале Драги Ѓоргиев за в.д. директор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.