Министерството за правда одново ја отвори Пандорината кутија и само Господ знае што ќе излезе од неа!
Ова се наметнува како дилема, по вчерашното соопштение на Министерството во беше наведено дека министерот Кренар Лога го потпишал Упатството за изменување и дополнување на Упатството за начинот на водење, заштита и чување на матичните книги и списи; издавање на изводи, уверенија, преписи и копии врз основа на матичните книги; водење постапка и составување на записник за најдено дете; обновување на уништени, оштетени или исчезнати матични книги, како и за обрасците на матичните книги, регистарот на матични книги, изводите и уверенијата што се издаваат врз основа на матичните книги, каде ќе стои графа за етничка припадност коментира новинарот на „Пресинг ТВ“ Предраг Димитровски во својата анализа.
Во соопштението беше уште наведено дека Упатството ќе стапи во сила по истекот на 8 дена од објавувањето во Служнбен весник за изводите на родените додека за другите изводи, поради финансиски импликации, Упатството ќе започне да се применува од 1 јануари 2024 година.
Основната причина за најавените промени лежи во фактот дека при вработувањата се злоупотребува балансерот, па граѓаните се принудени да ја менуваат својата етничка припадност за да стигнат до свое работно место, иако тоа е и кривично дело, што е потврдено и со судската пракса.
Меѓутоа, иако во соопштението е наведено дека во личните документи се враќа етничката припадност, во формуларот за извод од матичната книга на родените, што беше објавен заедно со соопштението, не стои етничка припадност, туку националност! И сега кој термин е точен, веројатно знае само министерот!
И ако кај државјанството во фромуларот работите се јасни-македонско/граѓанин на Република Македонија, покрај грешката во термините националност и етничка припадност, апсолутно нејасно е што ќе стои, еве, во етничката припадност? Ова е особено важно за Македонците. Дали ќе стои именката Македонец или придавката македонска?
Со потпишувањето на Преспанскиот договор, именката Македонец беше целосно исфрлена од употреба во личните документи, а придавката македонски/а/о остана само во називите на МАНУ и МНТ, а сите останати добија предзнак национална.
И сега се отвораат најмалку две дилеми. Првата, што и да се употребува во формуларите, било именката Македонец, било придавката македонски/а/о, се поставува прашањето зошто до сега на родените пред 2018 година во графата националност им се ставаа трите коси црти? И втората, дали со ова се прекршува досегашното толкување на примената на Преспанскиот договор и се воведува нова пракса и како на неа ќе реагира Република Грција?!
Доколку, пак, се користи само придавката македонски/а/о, тогаш дефинитивно станува јасно дека Македонците дефинитивно ќе мораат да се збогуваат со именката Македонец/Македонка!
За потсетување, пред парламентарните избори во 2020 година, албанските партии покренаа иницијатива за ставање на етничката припадност во личните карти, но по препорака на Венецијанската комисија, тоа не беше прифатено.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.