Денеска се навршуваат 32 години од загинувањето на Сашко Гешовски, припадник на ЈНА и прва жртва при распадот на Југославија.

– Роден е во Кавадарци на 31 октомври 1971 година, основно и средно училиште завршил во родниот град. По завршување на средното образование заминал на отслужување на воениот рок во ЈНА во Сплит – Р. Хрватска. На 6 мај 1991 година во него пука маскиран припадник на МУП на Република Хрватска и смртно го погодил со 4 куршуми. Гешовски во критичниот момент бил на задача пред зградата на Воено-поморската област во Сплит, истакнуваат изутринава  во соопштение од Музеј галеријата во Кавадарци.

Оттаму нагласија дека тој беше првата жртва во конфликтот, што предизвика распад на Југославија во 1991 година.

– На 7 мај во Кавадарци се одржа протестен митинг на кој учествува речиси целото население од градот и околината, за да го искажат својот револт за смртта на својот сограѓанин, палејќи свеќи на градскиот плоштад во чест на Гешовски. Неговото тело со воен хеликоптер беше пренесено во Кавадарци. На погребот присуствуваа повеќе од 20 000 граѓани, дојдени од сите краишта на поранешна Југославија. Во Кавадарци беше прогласена тридневна жалост, споделија од Музеј галеријата.

Оттаму потсетија дека во воениот конфликт во 1991 година, покрај Гешовски, од Кавадарци загина и Петре Тодоровски, роден во 1971 година.

– Тодоровски загина како припадник на ЈНА на 26 јули 1991 година во касарната Љубљана – Поље, Р. Словенија. Својот млад живот го загуби како војник, додека бил на стража. Во овој конфликт загина и Мишко Митрев, роден во 1954 година во Ваташа. Митрев загина како подофицер во ЈНА во септември 1991 година, при одбрана на касарната во Ѓаково, потсетија од Музејот. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.