Три месеци траела подготовката и обуката на медицинскиот персонал од ГОБ „8 Септември“ кој денеска заедно со 18-годишниот пациент Леонид Индов замина во Виена, со првиот меѓунроден лет за медицински транспорт со хеликоптер.
Рано утринава во 6.30 часот, персоналот и управата на Градската Општа Болница „8.Септември“, доц. Д-р Татјана Тројиќ спец. анестезиолог, д-р Јасмина Панова спец. анестезиолог, мед.сестра анестет. Марина Јанчева и проф. д-р Христијан Костов, со дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев и со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски го организираа првиот меѓународен лет во историјата на современата македонска држава со хеликоптер од Одделот за воздухопловни единици при МВР со кој за медицинско лекување беше транспортиран пациентот Индов од Скопје до Виена, Австрија.
Ова не е едноставен транспорт, напротив, многу е ризично, бидејќи пациентот не дише самостојно, туку со респиратор. Затоа и е потребен ваков транспорт. Три месеци се подготовувавме за ова. Екипата која го придружува пациентот е одлична и е обучена за вакви патувања. За Македонија, ова е историски чин и многу е важно да се истакне дека транспортот е бесплатен и му следува на секој осигуреник во Макеоднија, изјави за „Република“ директорот на ГОБ „8 Септември“, проф. д-р Костов.
Костов вели дека досега низ Македонија се медицинскиот хеликоптер се превезувале пацинети, но ова е првпат хеликоптерот да лета во странство.
Скопје – Осјек – Виена е рутата по која се движи Медикоптерот. Индов ќе биде транспортиран до главниот град на Австрија, екипата се враќа утре. Тој ќе се лекува во центар за рехабилитација во Виена.
Во најкраток временски период се докажа подготвеноста и кооперативноста на МВР и ГОБ „8 Септември“, со поддршка од Министерството за здравство, со цел подобрување на услугите за граѓаните преку обезбедување на медицинска помош на пациенти на кои им е потребен итен транспорт до други здравствени установи, вели д-р Костов.
Медикоптерот, „бел 212“, е на Министерството за внатрешни работи, опремен е со медицинска опрема за итен транспорт на високоризични пациенти, а беше промовиран во декември минатата година, на хелиодромот на Општа болница Битола.
18-годишниот Индов летово доживеа тешка несреќа. Тој е ученик во Математичко-информатичката гимназија кој со своите другари изработија апликација што го анализира и проучува движењето на Меѓународната вселенска станица и го освоија првото место на меѓународниот натпревар NASA Space Apps Challenge.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.