Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска смета дека Владата понудила добар процент на зголемување на платите за вработените во образованието и во детските градинки и оти СОНК требало да ја прифати понудата, а наставниците, професорите, негувателите и воспитувачите да се вратат во интерес на децата, нивното згрижување и образование. Одбивањето на понудата, вели таа, е уцена и грижа на Синдикатот за сопствените интереси, а не за интересите на децата.
Децата веќе втора недела се надвор од градинките што е неприфатливо имајќи предвид дека уставно право на секое дете да има обезбеден пристап до претшколско образование. Решението што го понуди Владата за 10 проценти поголеми плати за воспитувачите и за негувателите, вклучително и за образованието за наставниците, значи просечно 2.500 денари зголемена плата за воспитувачите и 2.000 денари зголемена плата за негувателите. Ако го земеме процентот на зголемување на платите од крајот на 2019 кој изнесува 21 отсто и овие 10 отсто, тоа се 31 отсто зголемување на платите на воспитно згрижувачкиот кадар во детските градинки што сметам дека е добар процент на зголемување на платите особено имајќи предвид денес со економската криза, ценовните кризи, ковид кризата – рече Тренчевска.
Ваквиот предлог, додаде таа требаше да биде прифатен од СОНК, да се вратат наставниците, професорите, воспитувачите и негувателите на работа, да започне за учениците наставата, за малите деца од претшколско образование, згрижувањето и воспитувањето на децата во детските градинки.
Навистина неприфаќањето на таквото решение не претставува ништо друго туку уцена, грижа за личните интереси на СОНК, а не за интересите на децата и на учениците – рече Тренчевска во одговор на новинарско прашање по посета на Дом за стари лица во Струмица.
Во врска со тоа кои мерки можат да бидат преземени таа вели дека останува можноста да се најдат заменски воспитувачи и негуватели во градинките.
Во оние општини каде што имаме затворени објекти, каде што има поголем број воспитувачи и негуватели коишто штрајкуваат општините – градоначалниците треба да си ги обезбедат заменските воспитувачи и негуватели за да можат родителите да се вратат на работа, а децата да се згрижат во градинките – рече министерката за труд и социјална политика Тренчевска.
Вчера СОНК најави дека генералниот штрајк ќе продолжи и понатаму, откако Советот на Синдикатот вчера на седница одлучил да не го прифати предлогот на Владата за 10 процентно зголемување на платите со кој би се прекинал штрајкот почнат на 11 април.
Една од причините зошто овој предлог не е прифатен од СОНК, е затоа што бил предложен усно, а не во писмена форма, информираа од СОНК, од каде додаваат дека над 95 проценти од синдикалните организации на СОНК се изјасниле за отфрлање на дадената усна понуда.
За СОНК зголемувањето на платите од 10 проценти во детска заштита, основно и средно образование воопшто не кореспондира со висината на зголемување на минималната плата оваа година и не е соодветна стимулација за враќање на достоинството на професијата. СОНК бара зголемување на платите за 18,4 проценти и нивно усогласување со минималната плата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.