Спроведувањето на социјалната услуга Помош и нега во домот значајно го унапредува квалитетот на живот на возрасните лица и во општина Кочани. Во ова се убедија министерската за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов откако посетија корисници на оваа нова социјална услуга во општината.
Придобивките на услугата Помош и нега во домот во оваа општина од минатиот месец можат да ги користат вкупно 40-тина лица на возраст од над 65 години, кои не се во можност самостојно во целост да се грижат за себе. Во извршувањето на секојдневните животни активности на овие лица им помагаат 16 лиценцирани негувателки, организирани од давателот на услугата, Општинската организација на Црвениот Крст од Кочани.
Горди сме што слушаме позитивни искуства од новата социјална услуга, и од нејзините корисници и од оние што ја спроведуваат на теренот. Тоа значи дека таа ја постигнува целта – се подобрува квалитетот на секојдневниот живот на нашите стари лица во нивниот дом, онаму каде што тие најдобро се чувствуваат и се зголемува достапноста на социјалните услуги во локалната средина, и во најоддалечените делови од државата. Најмногу нѐ радуваат среќните и задоволни лица кои ги гледаме кај нашите корисници, на кои животот благодарение на оваа услуга, им стана полесен, поедноставен, а сето тоа им е достапно во нивниот дом. Од друга страна, со ангажирањето на негувателите се отвораат нови можности за вработувања, а паралелно со тоа се зајакнува човечкиот капитал и се намалува сиромаштијата во земјава. Ваквите искуства нѐ мотивираат сите да продолжиме со градењето на одржлив и функционален систем за обезбедување на социјалните услуги и со грижата за ранливите категории граѓани, вклучувајќи ги и нашите највозрасни“, изјави по увидот министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Услугата Помош и нега во домот се спроведува во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги (ППСУ), кој е еден од инструментите за успешното реализирање на сеопфатната социјална реформа во земјава, а е поддржан од Светска банка. Кочани е една од општините кои со услугата Помош и нега во домот успешно аплицираа на првиот повик на Министерството за труд и социјална политика.
Грижата за ранливите групи најдобро може да се спроведува токму на локално ниво, зашто ние најдобро ги знаеме потребите и социјалните специфики на нашите сограѓани. Затоа сме посветени, и како локална заедница, но и како одговорни поединци во обезбедувањето на поддршката за граѓаните, каде и да се наоѓаат во општината. Воедно сме ѝ благодарни и на општинската организација на Црвениот Крст за нивното залагање и посветеност за подобрување на секојдневниот живот на стари и немоќни лица од Општина Кочани и двете рурални општини Чешиново-Облешево и Зрновци“, рече градоначалникот на Кочани Љупчо Папазов.
Во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги што го спроведува Министерството за труд и социјална политика засега поддржани се вкупно 22 проекти во 27 општини. Најголем дел од овие проекти (16) се наменети за помош и нега на стари лица во домот, три се дневни центри за деца со попреченост, а по еден проект се за помош на стари лица во дневен центар, за рехабилитација и реинтеграција на лица со попреченост во локалната средина и за услуги за советување. За давање на услугите обучени се 300 лица, а се очекува да бидат опфатени повеќе од 1100 корисници.
Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе објави нов јавен повик за дополнителни проекти за општините кои не успеале да аплицираат на првиот повик, а за таа потреба континуирано се прави мапирање на потребите на граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.