Mинистерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, на својот Фејсбук профил, пишува дека наместо досегашното породилно отсуство се предвидува поделба на отсуствата на мајчинско, татковско и родителско отсуство.
Како што вели Тренчевска, ова се предвидува согласно новиот Предлог-закон за работни односи, кој е во нацрт-верзија, за кој, како што вели, периодов ќе се оддржат серија јавни расправи со цел вклучување на јавноста и отворање на можноста за коментари.
Татковското е во траење од 15 дена и се користи веднаш по раѓањето на детето, ако е едно дете, а за близнаци, тројки и повеќе родени деца, во траење од 20 дена. Мајчинското отсуство трае 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединечно, наведува Тренчевска.
Министерката за труд и социјална политика посочува дека иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак не е така, бидејќи мајката има пет месеци мајчинско и четири месеци родителско отсуство. Значи, како што нагласи, останува со детето исто како и досега, девет месеци.
Но, дополнително, тука се и четири месеци на родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителството отсуство на мајката, значат дека детето , наместо досегашните девет месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци, објави Тренчевска.
Според Тренчевска, воспоставувањето на трите вида на отсуство освен, обезбедување на заштита, имаат за цел и изедначување на улогата на мајката и таткото, односно мажот и жената во периодот на подигање на детето или децата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.