Да се формира работна група која ќе работи на подобрување и уредување на предлог текстот на Општиот колективен договор, а така добиениот текст, уште еднаш да се разгледа на следна седница на Економско – социјалниот совет (ЕСС), е договорено на денешната седма седница на ЕСС.
Во работната група, како што информираат од Министерството за труд и социјална политика, ќе учествуваат претставници од кабинетот на вицепремиерот Битиќи, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за економија, Министерството за финансии, Министерство за информатичко општество и администрација, Организација на работодавачи, Бизнис конфедерацијата и синдикатите.
– Експертот ангажиран за подготовка на предлог законот за систем на плати на седницата го презентира предлогот, по што се отвори дискусија за него. Притоа, беше истакнато дека, се работи за сложен и комплексен закон, кој бара посебно внимание, затоа сугестиите и мислењата на сите страни се од големо значење. Како Влада продолжуваме заедно низ дијалог, да носиме системски решенија кои се правични и даваат резултати на долг рок, соопшти МТСП.
На денешната седница на ЕСС се отвори дискусија за неопходноста од склучување на нов Општ колективен договор и за Предлог законот за систем на плати во јавниот сектор.
-Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска како претседавач на Економско социјалниот совет ја отвори дискусијата и притоа ја нагласи потребата од нов Општ колективен договор, земајќи предвид дека последниот Општ колективен договор е потпишан 2008 година, а во меѓувреме се настанати голем број на измени во законодавството. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи посочи дека, Општиот колективен договор ќе даде решение за состојбата на работниците во јавен сектор, условите, правата и обврските на двете страни како производ на социјалниот дијалог, се истакнува во соопштението.
За синдикатите, пак, прдлог законот за плати во јавниот сектор е неприфатлив. Бараат да се изработи нов закон, а во работните групи што ќе го подготват да бидат вклучени и синдикатите.
Претседателот на Независниот синдикат на полицијата, Гоце Делчев Тодев, по завршувањето на седницата изјави дека е јасно оти ќе има голем проблем особоено во делот на новиот Закон на плати.
-Новиот Закон за работни односи е работа за која можам да кажам дека нема да води никаде. Ќе имаме голем проблем. Видовме еден предлог од страна на одреден експерт кој ќе не оддалечи многу во однос на можноста да добиеме еден посебен закон за плати. Воопшто не видов во ниеден момент место на работникот во полицијата на МВР. Од ова место на Владата и на другиот синдикат, односно до синдикатот кој се претставува за репрезентативен ќе им порачам дека ќе мора сериозно да се влезе во делот на изнаоѓање решение за платите за вработените во полицијата, бидејќи ние се доведуваме во една ситуација од која можеби во наредниот период ќе имаме многу поголем проблем, рече Делчев Тодев.
Претходно, пред почетокот на седницата на ЕСС Трпе Деановски од Сојузот на синдикатите на Македонија повтори дека за сите синдикатите од јавниот сектор законот е неприфатлив, истакнувајќи дека се здружени во однос на ова прашање.
– Потпишана е Декларација од сите синдикати во јавниот сектор – ССМ, КСС, СОНК, КСОМ дека нема да го профаткиме овој предлог текст и бараме нов каде ќе бидат вметнати синдикатите во рабнотни групи за подготовка на законот и дека не се согласуваме со методологијата за утврдување на платитe, рече Деановски.
Усогласувањето на платите, оцени, не е доволно за да се смета како нивно покачување.
Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија потенцираше дека ќе побараат да се повлече нацрт законот за плати во јавниот сектор и оти ќе ги соопштат забалешките за колективниот договор.
Претседателот на Собранието на Организација на работодавачи Ангел Димитров, пак, порача дека главната улога денеска ќе ја имаат синдикатите и Владата бидејќи се работи за плати во јавниот сектор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.