„На вчерашната седница на Влада донесени антикризните мерки со кои ги таргетиравме: социјално ранливите категории на граѓани, ученици и студенти од семејства со ниски приходи, приватниот сектор. Дел од мерките ќе траат 5, 6 и 7 месеци. И овој пакет не е направен за изборите, туку за граѓаните! За да може да ги поминеме месеците кои следат. Дел од мерките почнуваат од 1ви декември, додека на мерките за кои ќе биде потребна апликација ќе бидат исплатени во втората половина од декември“ рече Тренчевска.
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска на Телевизија 24 зборуваше за антикризните мерки, соопшти колку средства ќе бидат доделени и во рацете на кои граѓани ќе завршат истите. Нејзиното гостување беше со фокус на системските решенија и поддршката на најранливите категории на граѓани.
Тренчевска истакна дека резултатот на системските решенија се забележува најмногу со методологијата за пензионерите. Таа истакна дека моментално најниската пензија изнесува 13.200 и дека со постојаниот раст на пензиите во година и половина истите се зголемени во просек за 4.200 денари.
„36 милиони евра се издвоени само за пензионерите. Кога го гледаме вкупниот ефект од мерката може да се забележи дека пензионерите кои примаат најниски пензии за 5 месеци ќе добијат плус 15.000 денари на нивните сметки почнувајќи од месец декември“ изјави Тренчевска.
Министерката објасни дека за исплатата на овие средства за пензионерите на страната на Министерството за труд и социјална политика дополнително ќе бидат објавени списоците.
Тренчевска истакна дека наспроти нереално популистичките ветувања на ВМРО за покачување на пензиите од 5000 денари, оваа Влада носи системски решенија кои ќе ја задржат стабилноста на фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Покрај мерките за пензионерите министерката зборуваше за и за ваучерите за патување и финансиските средства кои треба да ги добијат студентите и учениците како дел од деветтиот пакет на антикризни мерки.
„Ваучер за превоз ќе добијат студентите кои студираат надвор од нивното место на живеење. Во период од 7 месеци студентите во зависност од нивното место на живеење ќе добиваат од 600 до 1200 денари. Во мерките ги опфаќаме и учениците од основно и средно образование кои доаѓаат од семејства имаат примања до 50.000 денари односно 2 минимални плати“ изјави Тренчевска.
Таа објасни дека за период од 6 месеци учениците од средно образование ќе добиваат 1.800 денари, додека учениците од основно образование ќе добиваат месечна поддршка од 1.200 денари. Тренчевска исто така дополни дека опфатени се и Корисници на надоместок заради попреченост, Самохрани родители – корисници на Гарантирана минимална помош и Родители на деца со попреченост до 26 години, кои користат посебен додаток. Таа истакна дека на овие лица ќе им се исплаќаат по 2000 денари во период од 5 месеци.
Министерката на крај истакна дека мерките се креирани во соработка со бизнис заедницата и сите останати релевантни чинители и дека целта на овој пакет на антикризни мерки е да бидат опфатени сите целни групи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.