Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ги посети полициските станици за граничен надзор Танушевци и Блаце кои се надлежни за контрола и надзор на дел од северната гранична линија кон Косово.

Во рамки на посетите се запознав со состојбата на објектите од аспект на материјално-техничка опременост, а со командирите и полициските службеници вработени во овие организациски единици разговаравме за нивната тековна работа, проблемите и предизвиците со кои се соочени и можни решенија за истите, информираше министерот на својот профил на „Фејсбук“.

Според него, и двете полициски станици се соочуваат со недоволна пополнетост од аспект на човечки ресурси и недостаток на моторни возила кои им се неопходни за успешно извршување на нивните задачи, имајќи ја предвид специфичноста на подрачјето кое го покриваат.

Всушност, во овие објекти со години наназад воопшто не било инвестирано, а специјалните возила кои се опремени со соодветни камери за надзор на подрачјето подолго време не се сервисирани и се оставени надвор од употреба, со што индиректно е загрозена безбедноста на граничната линија за која се надлежни, истакна Тошковски.

На крајот на средбите, донесовме неколку заклучоци од аспект на можни решенија на дел од проблемите и во таа насока од моја страна беше потенцирано дека ќе се преземе сѐ што е можно во овој период, имајќи ја предвид техничката природа на моменталната Влада и ограничувањата кои таа ги носи, а од нивна страна беше изразена благодарност што за првпат се посетени од еден министер, подвелече тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.